Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција посочи дека покачените сметки за струја за 30 отсто се уште еден огромен ценовен шок за граѓаните после поскапувањето на храната и на парното
Ја повикуваме Владата итно да донесе одлука за укинување или намалување на ДДВ за струја и парно, како помош за граѓаните да го пребродат овој тежок период, соопштија денеска од опозицискиот Социјал демократски сојуз (СДСМ), посочувајчи дека во финансиски најтешкиот месец во годината сметките за електрична енергија се драстично повисоки споредено со претходните месеци.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција посочи дека покачените сметки за струја за 30 отсто се уште еден огромен ценовен шок за граѓаните после поскапувањето на храната и на парното.
„Астрономски високите сметки за струја се директна последица на неспособноста на владатат на Мицкоски и на ДПМНЕ“,
рече таа.
Според неа, укинувањето на субвенциите за струја, ВМРО-ДПМНЕ жестоко удри по џепот на граѓаните.
„Соочени со сметки што достигнуваат и по 8, 10 или 15 илјади денари, дел од граѓаните бараат начини како да ги платат, а дел бараат корегирање на сметките“,
кажа Кузеска.
Од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) вчера соопштија дека сите домаќинства што добиле сметки за струја и имаат првпат фактурирана потрошувачка во четвртиот блок, „ЕВН хоум“ е должен да ги коригира сметките за електрична енергија.
Потрошувачите, додаваат од РКЕ, што се незадоволни од пресметката на потрошената енергија и износот на сметката, можат да поднесат приговор до универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“. Доколку потрошувачот не е задоволен од добиениот одговор или не добие одговор во законски предвидениот рок од осум дена, од РКЕ велат дека приговор може да се поднесе и до нив како второстепен орган.
Од 1 јануари 2025 година цената на струјата за просечна потрошувачка во сите четири блокови е зголемена за 0,92 отсто. Во прв блок цената е зголемена за 0,68 отсто, во втор блок за 0,90 и во третиот блок за 1,93 проценти. Зголемувањето на цената по блокови е најголемо во четвртиот блок и тоа за 2,24 отсто.