Потребно е вештачење на 31 телефон кое ќе биде нов доказ на судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Телефоните на обвинетите и на лица со кои тие имале контакт биле одземени при претресот направен на денот на убиството.
„Телефоните ги најдов во депото во полиција. Оттаму ми рекоа дека сега ќе може да се направи вештачење, со нова технологија која тогаш не била достапна’’,
појасни судијата Огнен Ставрев.
Освен доказниот материјал кој го пронашол судијата и обвинителката Фатиме Фетаи го информира судот дека на следното рочиште закажано на 22 август и таа ќе предложи нови докази, аудио снимки и транскриптите од сите разговори поврзани со случајот, а доставени до СЈО во декември 2015 година од политичката партија СДСМ.

Бранителот на обвинетите се надева дека тие бомби ќе им помогнат на неговите клиенти да да докажат дека тие не се сторители на петкратно убиство во Смилково.
„Мислам дека откако ќе ги ислушаме овие бомби, ќе дојдеме до вистината. А, таа е дека овие луѓе не се сторителите од кривичниот настан, па дури мислам дека и ќе чуеме кој навистина се сторителите“,
вели адвокатот Насер Рауфи.
Застапничката на семејствата на убиените момчиња кај Смилковското езеро изјави дека допрва ќе треба да се утврди дали тие бомби ќе бидат од корист за случајот.
„Останува да видиме дополнително што ќе има и дали тоа ќе биде корисно“,
изјави адвокатката Дафинка Ивановска.
Инаку, на денешното рочиште за случајот „Монструм“ беше сослушан само сведокот Драган Ивановски. Тој на прашање од судот рече дека со обвинетиот Фејзи Азири се запознал на прославата која ја организирала општината по повод легализација на земјиште, на која и тој присуствувал.
„Со господинот се знам на два часа од настан во општината. Да не задоцнеше тогаш цели два часа министерот Миле Јанакиески немаше ни да се запознаеме,“
изјави сведокот Драган Ивановски.
Новото судско рочиште за случајот „Монструм“ е закажано за 22 август.