Општина Тетово реши дека треба да им стави имиња на 216 улици што сега имаат број или немаат ниту број, ниту име. Покрај ова, според градоначалникот Биљал Касами, намерата е да се сменат и некои актуелни имиња на улици за што, како што вели тој, треба да одлучи формираната Комисија
Ова ги разбуди духовите од минатото во средината со кревки меѓуетнички односи и предизвика силни емоции кај многу засегнати страни. Сојузот на борци обвини дека со овој проект општина Тетово сака да направи ревизија на историјата
Општина Тетово изброја дека во градот има вкупно 297 улици. До оваа бројка дошла работна група формирана минатата година. Таа имала задача на терен да ги идентификува сите улици, меѓу кои има и такви означени со број, како и улици што немаат ниту број, ниту име.
Утврдено е дека од вкупниот број улици, 81 се со име, а останатите 216 имаат или број или се безимени.
Затоа локалната самоуправа решила да им стави имиња. Било воспоставено тело наречено Работна група за преименување на улици во Општина Тетово кои веќе имаат определено име и именување на нови улици. Таа брои 11 члена – советници од сите партии застапени во Советот на Општина Тетово, претставници на локалната самоуправа, како и надворешни експерти.
Претседателот на Работната група, Арѓент Велиу, кој е советник од редовите на Беса, смета дека ова е еден од најголемите проекти со кои се зафатила општината.
„Целиот овој процес е за доброто на секој тетовец што живее во Тетово и кој заслужува да има една адреса која на крајот на краиштата му ја гарантира законот и Уставот,“
вели Арѓент Велиу – претседател на Работната група.
Велиу вели дека ќе биде објавен оглас на кој сите заинтересирани можат да дадат предлози за имиња, а ќе бидат организирани и јавни дебати.
„Потоа, нормално, ќе се собираат тие предлози и задачата на Комисијата ќе биде да ги идентификува сите тие имиња, да ги регистрира и да подготви еден список што ќе се достави до Советот, па потоа Советот до Владата за да добиеме одговор од Владата“,
додаде Велиу.
Ако Владата даде зелено светло, тогаш Советот ги официјализира новите имињата на улиците. Но, што вели законот, какви треба да бидат тие?
„Името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачје на општина, односно на подрачје на Градот Скопје, може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња“,
пишува во член 5 од Закон за определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.
Според законот, со имињата не смее да се нарушува угледот на државата, да се навредуваат националните чувства на граѓаните, како и да се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал.
Според тетовската локална самоуправа, се работи за техничко прашање со кое голем број граѓани ќе добијат комплетирани адреси, а ќе се придонесе и за носење Генерален урбанистички план.
Детали за проектот сподели градоначалникот Биљал Касами во јануари годинава. Рече дека ќе опфати именување, но и преименување на некои улици.
„Еден пример ќе дадам. Не знам што е идентификација на Македонија и Тетово со името Кавказ. Во Тетово има улица Кавкаска. Не знам што сакаме да покажеме со тоа име на улица. Неколку примери има вакви со кои нема ништо заедничко ниту Тетово, ниту Северна Македонија. Тие улици сигурно ќе се преименуваат. Но, улиците на македонските херои кои се налик и на ова време сигурно дека ќе бидат земени предвид и ако Комисијата одлучи да останат – ќе останат“,
рече Биљал Касами – градоначалник на општина Тетово (28.01.25).
Касами даде свое мислење какви треба да бидат имињата.
„Ние не може да бидеме заложници на едно време. Знаеме дека Македонија до ’90 години беше под Југославија и беше комунистички систем каде имаше други херои кои ги славевме. Сега сме во демократска држава. Сега имаме нов концепт со кој ги создаваме институциите и ја градиме државата. Тоа е европски и демократски концепт и тоа сигурно ќе се рефлектира и во имињата на улиците во градот Тетово. Тоа не е против никоја етничка група во градот. Тоа е во интерес на сите етнички групи, но мора да ја рефлектира реалноста, сегашноста и тоа што ние сакаме да го градиме во иднина“,
смета Касами.
Во ваквиот став на Касами од Сојузот на борци препознаа закана за имињата на улиците именувани по херои и настани од Народноослободителната војна. Реагираа остро, уште истиот ден.
„Како може да не сфати тој човек дека оваа држава почива врз асномски темел и не може да зборуваме за остатоци од комунизам, напротив, за борба за создавање современа македонска државност која е и тоа како темелно поврзана со историјата и на нашиот град Тетово. Треба да му е срам. Тоа е такво еклатантно непознавање на историјата. Таква желба да се задоволат ситни апетити. Едно бандитско однесување кое е без преседан“,
смета Даријан Сотировски – член на претседателството на Сојузот на борци.
Прашањето стигна и до премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека Владата нема да поддржи решенија донесени без консензус, но и дека за ова прашање има коалициски договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Беса кои го имаат мнозинството во тетовскиот совет.
„А коалицискиот договор е дека сите оние улици што се без број или со број да добијат име, а тие улици што веќе имаат име да не се менуваат“,
рече Христијан Мицкоски – претседател на Влада на РС Македонија (28.01.25).
На договор упатува и самиот закон, кој пропишува конечната одлука да биде донесена со т.н. бадентерово мнозинство.
„Одлуката се усвојува со мнозинство гласови од присутните членови на советот на општината, односно на Советот на Градот Скопје, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината, односно во Градот Скопје“,
пишува во член 4 од Закон за определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.
Советот на општина Тетово е составен од 31 советник. Според информациите од локалната самоуправа, во актуелниот состав има 25 советници Албанци и шест советници Македонци. Тоа значи дека „за“ ќе треба да гласаат најмалку половина од шестемина советници Македонци од кои четворица се од ВМРО-ДПМНЕ, а двајца од СДСМ.
Ангел Карапетров е еден од советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Тој го дели ставот на премиерот и претседател на партијата.
„Овој проект, како што го нарекувате, започна со цел да се решат проблемите со куќните броеви и со немањето имиња на улици. Нашиот став е јасен. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ не прифања промена на постојните имиња на улици. Додека за оние улици што немаат име и оние со број ќе се договараме и ќе преговараме“,
вели Ангел Карапетров – советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Глигорије Стојановски, пак, е еден од двајцата советници од СДСМ. Тој вели дека ќе учествуваат во процесот, иако сметаат дека сега не е време за ваков проект.
„Бидејќи нашиот град има куп поголеми отколку менување на улиците. Нашиот град се соочува со недостиг од вода за пиење во 21 век, купишта ѓубре на секоја страна, кучиња скитници, а од вчера граѓаните можеа да видат дека и коњи почнаа да ни шетаат низ градот. Сè што еден град не треба да го има, Тетово го има. Кога ќе се решат тие проблеми, јас мислам дека тогаш би можело нешто да се отвори, а сега моментот за тоа не е“,
смета Глигориjе Стојановски – советник од СДСМ.
Претседателот на општинската Работна група и советник од Беса, Велиу, уверува дека одлуките ќе се носат со консензус.
„Ние како Комисија и јас како претседател апелираме овој процес да не се политизира. Целта не е да создаваме партиски или меѓуетнички поделби, туку да ги решаваме долгогодишните проблеми со кои граѓаните на Тетово се соочуваат секој ден“,
смета Арѓент Велиу – претседател на Работната група.
И покрај учеството на советниците Македонци во процесот, како и законските одредби, во Сојузот на борци остануваат претпазливи. Сметаат дека вистинската намера на општината е да направи ревизија на историјата.
„Да се каже дека борбата на партизаните која е темел на државата поради АСНОМ и сè што како државотворност произлегува е дел од некое темно минато кое е само во главата на градоначалникот. Ние нема да запреме тука. Будно ќе го следиме целиот процес и апсолутно нема да биде прифатливо именување на било која улица, дали е без број, дали е со број, дали има име или нема име, а притоа таа да носи име на милитантна личност, човек кој е терорист, балист, кој е припадник на било каква формација – фашистичка, профашистичка или нешто слично“,
вели Даријан Сотировски – член на претседателството на Сојузот на борци.
Во Тетово веќе имаше обид за преименување на некои улици во 2007 година. Обид, затоа што технички постапката не заврши до крај. Сите советници гласаа „за“, но Владата никогаш не даде согласност за новите имиња.
На пример, оваа улица зад мене, тетовската локална самоуправа ја препознава како улица „Дервиш Цара“, додека државата и натаму ја препознава како улица „ЈНА“. Тоа е причината поради која на граѓаните што живеат на оваа улица сметките за комунални услуги им се адресирани на улица „Дервиш Цара“, додека во нивните лични карти сè уште им стои адресата на улица „ЈНА“.
Овој пример е добар потсетник од скорешното минато дека ако нема широк конзенсус и ако не се следи законската процедура, може да се случи на крај една група да користи едни, а друга поинакви имиња за исти улици во Тетово.
Идејата за именување и промена на имиња на улици во Тетово можеби, сепак, ќе мора да почека. Ако се не заврши најмалку шест месеци пред изборите, процесот ќе мора да паузира бидејќи така налага законот. А годинава е изборна – најавите се дека локалните ќе се одржат во октомври.