Од СДСМ бараат Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет и да постапи по овие информации. Очекувањата на партијата се, вели Кузеска, Антикорупциската комисија во најбрз можен рок да постапи во согласност со своите надлежности и да ја заштити државата од вакви скандалозни злоупотреби
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) обвинува за непотизам во Владата на Мицкоски.
Партиската портпаролка Богданка Кузеска вели дека Љупчо Андоновски, татко на министерот за дигитална трансформација во Владата – Стефан Андоновски е назначен за советник на премиерот.
Освен ова, како што рече Кузеска на денешната прес-конференција, братот на министерот Стефан, Игор Андоновски, пред неколку месеци е назначен за началник на одделот на АНБ за Град Скопје.
„Безочно и бес осет, континуирано се назначуваат роднини на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, се вработуваат под државна капа, на грбот на граѓаните. Значи едниот син министер, другиот началник во АНБ, а таткото советник во Влада на Мицкоски. Ова е класичен пример на непотизам и судир на интереси. Ова е срам и навреда за граѓаните“,
рече Кузеска.
Од СДСМ бараат Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет и да постапи по овие информации. Очекувањата на партијата се, вели Кузеска, Антикорупциската комисија во најбрз можен рок да постапи во согласност со своите надлежности и да ја заштити државата од вакви скандалозни злоупотреби.
„Додека илјадници млади и способни луѓе заминуваат од државата во потрага по работа, високите позиции во институциите се резервирани исклучиво за роднините на сегашните и поранешните функционери на ДПМНЕ. Нели ДПМНЕ ветуваше пред граѓаните дека ќе нема непотизам, дека ќе има департизација и дека нема со врски да се вработува. Епа еве, се погазија“,
додаде Кузеска.
Ова, како што рече таа, уште еднаш ја покажува вистинската природа на оваа власт – наместо компетентност и заслуги, пресудни критериуми за добивање работа и функции се семејните и партиските врски, однос неспособноста.