Мицкоски вчера, коментирајќи ја методологијата за пресметка на минималната потрошувачка кошничка, рече дека некои производи таму му се чудни и посочи дека не е логично во неа да има цигари и оти тој во јануари не пробал цреши, праски, дињи или лубеница
Минималната синдикална кошничка е пресметана сума која го одразува минимумот за достоинствен живот на едно четиричлено семејство, но тоа не може да го разбере премиерот, кој поседува луксузни часовници од 60 илјади евра и луксузна гардероба, соопштија денеска од опозицискиот Социјалдемократски сојуз откако вчера тој изјави оти смета дека треба да се интервенира во методологијата за пресметка на минималната потрошувачка кошничка.
Оттаму велат дека не е проблем што јаде премиерот, туку тоа што многу граѓани немаат доволно пари за храна како леб, млеко, сметки и за основни потреби.
„Додека цените постојано растат, Владата не презема ништо да им помогне на овие граѓани. Овие семејства немаат за луксуз и да купуваат часовници од 60 илјади евра како Мицкоски. Тие едвај врзуваат крај со крај за да преживеат“,
се вели во соопштението од опозициската партија.
Според партијата, Владата има обврска на граѓаните да им обезбеди услови за достоинствен живот, а не да ги убедува дека не треба да бараат повисоки плати.
„Затоа, минималната плата мора да се зголеми и не смее да биде под 500 евра, како основен праг што ќе им овозможи на граѓаните да ги покријат своите основни потреби и да не живеат во сиромаштија“,
велат од СДСМ.
Мицкоски вчера, коментирајќи ја методологијата за пресметка на минималната потрошувачка кошничка, рече дека некои производи му се чудни, посочувајќи дека не е логично во неа да има цигари и оти тој во јануари не пробал цреши, праски, дињи или лубеница.
„Ја добив таа методологија и ја читав. Забележав таму многу работи и ми изгледаат многу чудно. Јас во јануари дел од тие производи не ги пробав, како што се диња, лубеница, грозје, цреши, кајсии, праски, не испив 250 грама лименка нескафе, не пушам цигари, а таму се вклучени цигарите. Малку е нелогично да има цигари во минимална кошничка“,
кажа тој.
За таа цел, смета дека треба да има интервенција во методологијата на минималната кошничка, врз основа на објективни параметри, со земање предвид на поскромни цени, а не со тие во поексклузивните супермаркети.