Од крајот на 2023 година па досега, групата во десет наврати преку симулиран откуп на пари, направиле и пуштиле во оптек лажни пари како вистински во износ од најмалку 119 250 лажни евра, во апоени од 50, 100 и 200 евра во платниот промет на Република Србија, за кои добиле противправна имотна корист од најмалку 38 850 евра
За шестмина осомничени во меѓународната акција „Вардар“ се спроведува истражна постапка, а се бара и притвор.
Како што информираат од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), за шесте лица постои основано сомнение дека како организирана криминална група фалсификувале европска валута – евра во различни апоени.
Шесте лица во меѓународната акција „Вардар“ имале посебни „улоги“ во фалсификувањето на парите. Во земјава, „канцеларијата“ за правење пари била сместена во стан во скопската населба Чаир. Лажните пари, како што се вели во соопштението од Обвинителството, се набавувале од Турција, а дел од осомничените од Србија наоѓале купувачи за лажни банкноти. Еден од осомничените бил задолжен за набавка и одржување на опремата.
Првоосомничениот, додаваат од Обвинителството, успеал и да ги легализира лажните пари преку пуштање плата, преку брзи кредити и подигнување кредити од банка.
Од крајот на 2023 година па досега, првоосмничениот заедно со тројца осомничени ја формирал групата која фалсификувала пари на подрачјето во земјава и во соседна Србија. Ним им се приклучиле четвртиот и шестоосмничениот во земјава и српски државјани каде таму се води постапка.
При претресите се пронајдени и одземени парични средства во износ од околу милион евра, но и американски долари, швајцарски франци, израелски шекели, хрватски куни, албански леки, шведски круни и руски рубљи.
Во описот од Обвинителството се вели дека секој член на групата имал определена улога во планот.
„Првоосомничениот, во стан, во населба Чаир, кој го нарекувал своја „канцеларија“, заедно со неговиот син – второосомничениот, ги правел лажните пари во апоени од 50, 100 и 200 евра, а од Република Турција набавувал лажни пари во апоени од 500 евра и 100 американски долари. Трето, четврто и шесто осомничените и останатите членови на групата – српски државјани за кои се води постапка во Република Србија, секој со своја улога пронаоѓале заинтересирани лица за купување на лажните банкноти и вршеле транспорт и дистрибуција на истите до крајните купувачи во Македонија, Србија и Косово“,
се објаснува во соопштението од Обвинителството.
Петтоосомничениот, додаваат оттаму, имал задача и улога неовластено да изработува машини за правење лажни пари, гравирани плочи што имитирале сигурносни знаци на пари, како и специјални машини со индуктор и да ги одржува машините, пресите, плочите и другите работи што служат за правење на лажни пари.
Од крајот на 2023 година па досега, групата во десет наврати преку симулиран откуп на пари, направиле и пуштиле во оптек лажни пари како вистински во износ од најмалку 119 250 лажни евра, во апоени од 50, 100 и 200 евра во платниот промет на Република Србија за кои добиле противправна имотна корист од најмалку 38 850 евра.
Пуштањето на лажни пари како вистински довело до нарушување на нормалното функционирање во стопанството во неколку земји.
„Првоосомничениот парите што за продажба на лажните банкноти ги примал во готово, дел на трансакциска сметка во банка и дел преку услугата брз трансфер на пари на негово име и на име на неговите сопруга и син, ги легализирал подигнувајќи кредити од банка или од финансиските друштва за брзи кредити. Дел од парите си ги исплаќал во вид на плата преку правно лице, дел ги вложил во недвижен и подвижен имот, а најголем дел ги префрлил на е-волет сметка за тргување со криптовалути“,
објаснуваат од Обвинителството.
Поради околностите, поврзаноста на осомничените, како и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје има доставено предлог за определување на мерка притвор за шестемина осомничени.
За акцијата „Вардар“ денеска на прес-конференција детали изнесоа јавниот обвинител Љупчо Коцевски, шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, предметниот обвинител, Дејан Петрески и јавната обвинителка за врски во Европравда, Ленче Ристовска.
Шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази се задржа на формирањето на заедничкиот тим и при постапување на предметот во координација со координаторот за врски, во Европа, Ленче Ристовска оцениле дека има потреба да склучат заеднички истражен тим со Република Србија.
Абази рече дека постојано биле во комуникација со колегите од Србија, заеднички постапувале по предметот и вчера имале заеднички претреси, се договарале кога е најдобро да се спроведе реализацијата, конфискувани се пари во различни апоени и средства со кои се правеле фалсификуваните пари.
Предметниот обвинител, Дејан Петрески рече дека по предметот постапува по добиената согласност од институциите. Тој додаде дека вчера во координација со полицијата бил извршен претрес на 18 локации, одземено е поголемо количество на фалсификувани пари, предмети, постапено е по 23 издадени наредби од Кривичниот суд.
Јавната обвинителка за врски во Европравда, Ленче Ристовска кажа дека за овој случај имале заеднички тим со Србија. Во однос на тема фалсификување на пари земјава имала заеднички истражен тим и со Косово. Таа нагласи дека заедничките тимови се една од алатките за меѓународна соработка и оти земјите назначуваат свои претставници кои во заеднички тим преземаат дејствија на територијата на повеќе држави каде што има инволвирани лица од тие земји.
„Во конкретниот случај тоа беше на територијата на Србија и територијата на Македонија. Во рамки на овој заеднички истражен тим одржани се неколку официјални координативни состаноци се одржуваа на територијата тука кај нас и во Србија. Имавме и голема поддршка од аспект на експертиза којашто ја добивме од Европол, а се разбира и преку Европравда добивме голем дел од техничката поддршка којашто ни беше потребна преку набавка на одредени услуги коишто ни се од значење за спроведување на истражните активности“,
рече Ристовска.
За акцијата вчера информираа од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) од каде рекоа дека се приведени 10 лица.