Постапката за избор на концесионер за паркиралиштата во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје е во фаза на евалуација, велат за „360 степени“ од Министерството за здравство. Според огласот, идниот концесионер треба да изгради два монтажни катни гаражи. Тој би стопанисувал и со целиот паркинг на Клинички, со кој сега менаџира ЈП „Градски паркинг“
Обврска на концесионерот е и да ги проектира, изгради, управува и одржува монтажните гаражи, како и другите места за паркирање. Инвестицијата се проценува на 10 милиони евра, а добивката за 20 години би се движела од 18,5 до 20,5 милиони евра. Државата би добивала 1% од вкупните годишни приходи
Само една компанија се пријавила на повикот за јавно-приватно партнерство за изградба на две монтажни катни гаражи и управување со паркирањето во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Министерството за здравство го објавило огласот на 15 ноември 2024 година. Според условите во него, гаражите треба да ги изгради приватниот партнер – концесионер. Тој би стопанисувал и со целиот паркинг на Клинички, со кој сега менаџира ЈП „Градски паркинг“. Обврска на концесионерот е и да ги проектира, изгради, управува и одржува монтажните гаражи, како и другите места за паркирање.
Но, од министерството не кажуваат која е единствената компанија што конкурирала. Во интервју за „360 степени“, министерот за здравство Арбен Таравари вели дека ако дозволува процедурата, тој нема проблем да ја каже фирмата.
„Јас искрено не ја знам, меѓутоа за неколку дена ќе излеземе и ќе кажеме, не го знам името на компанијата, но не е ништо тајно. Која е компанијата можеме за два, три дена или уште утре да Ве известиме, не сум ги прашал по име која е таа.“
360°: Од вашиот кабинет пред интервјуто нè информираа дека во оваа фаза не може да се соопшти името на компанијата бидејќи таков бил процесот.
„Не знам точно, само знам дека побарав да ме брифираат да ми дадат што имаат информации за новите паркинзи во Клинички, затоа им побарав брифинг и гледам тука дека не е спомната компанијата, па не би сакал да кажам без да знам точна информација.“
360°: Дали сметате дека е малку нетранспарентно во оваа фаза јавноста да не знае која е фирмата, особено што е само една?
„За мене нема никаков проблем, доколку можеме и денеска подоцна, ако овозможува процесот, да се каже која е таа компанија, нема никаков проблем, не ни пречи тоа“,
вели Таравари.
Концесијата е на 20 години, а Министерството за здравство проценува дека инвестицијата во двете монтажни катни гаражи би го чинела идниот концесионер 10 милиони 370 илјади евра.
Основата за давањето на паркингот на Клинички под концесија е физибилити студија која првпат е изработена за време на министерувањето на Никола Тодоров, меѓу 2011 и 2017 година. Документот потоа е ажуриран низ годините. Според една од верзиите на документот до кои дојде „360 степени“, се предвидени две сценарија како да се реши паркингот со монтажни гаражи.
Според првото сценарио, предвидена е изградба на три катни гаражи и концесија од 20 години. Проектираната нето добивка, според цените за паркингот од 2018 година, е 20,5 милиони евра, со процената вредноста на инвестицијата од 11,7 милиони евра. Според ова сценарио, времето на поврат на инвестицијата се проценува на 8 години.
Според второто сценарио, пак, предвидена е изградба на два објекти. Во таков случај, со концесија од 15 години, во физибилити студијата е пресметано дека нето добивката ќе биде 18,7 милиони евра, со процената вредност на инвестиција од околу 5,2 милиони евра. Времето на поврат на инвестицијата се проценува на четири години.
Според јавно достапната документација и одговорите шти ги добивме од министерството, планот е да се оди на варијантата за изградба на две монтажни катни гаражи.
Едната би била изградена на паркингот кај Клиниката за гинекологија на површина од 3 500 метри квадратни со приземје и две нивоа. Со тоа би се обезбедиле вкупно 350 паркинг места.
Втората би била на паркингот во близина на Ургентниот центар на површина од 4 932 метри квадратни, исто со приземје и две нивоа. Според плановите, таа би додала вкупно 493 паркинг места. Проценките се дека Клинички, во моментов, има 1 007 паркинг места, па со плус од 843 би имало паркинг за сите.
А што од милионските добивки ќе има државата? Од министерството велат – 1% од вкупните остварените годишни приходи и средени паркиралишта.
Па го прашавме министерот Таравари дали, всушност, со концесијата идниот приватен партнер ќе добие „златна кокошка“ и зошто инвестицијата не ја прави државата за да ги собере и заработката и заслугите.
„Не мислам така. Доколку можевме ние, требаше да се изгради катна гаража тука. Не знам зошто и не е изградена катна гаража досега. Знаете, една од најголемите жалби на пациентите кога доаѓаат на доктор, бидејќи јас работам и како доктор, веќе 18 години сум тука, тоа е епопеја – изнаоѓање паркинг место кога ќе дојдете за преглед. Јас кога бев редовно вработен тука, знам дека доаѓав половина час или еден час да пијам кафе, да прочитам кои пациенти треба да ги прегледувам, само за паркинг место доаѓав порано. Така да се согласувам со вас. Да имавме ние можност да инвестираме сами како Министерство за здравство, се согласувам дека подобро министерството тоа да го работи, отколку да се даде некому да профитира од тоа. Меѓутоа, бидејќи е направена физибилити студија, јас мислам дека ова е едно решение, наместо да нема никакво решение. Ако оставиме вака да продолжи, јас мислам ќе има огромно незадоволство од луѓето коишто секојдневно доаѓаат, а не се малку. Според бројките околу 2-3 илјади возила дневно доаѓаат во Клинички центар. Тука не ги вбројуваме бројот на вработените коишто се вкупно во Клинички центар околу 3 400“,
смета Таравари.
Рокот за поднесување понуди заврши на 16 декември 2024 година. Според информациите од Министерството за здравство, постапката е во фаза на евалуација. Но, и нема многу што да се споредува бидејќи се пријавила само една компанија.