Во наредните десет дена во Баку, С. Македонија ќе се обиде да го убеди Комитетот за светско наследство на УНЕСКО дека ќе го заштити Охридскиот регион и со тоа да превенира негово симнување од светската листа на природно и културно наследство.

„За време на 43-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО , Владата на Република Северна Македонија ќе го нагласи и афирмира ставот дека e комплетно посветенa на зачувување на статусот на Светско културно наследство на Охридскиот регион, кој не ѝ припаѓа само на Северна Македонија, туку на целиот свет.“
се вели во владиното соопштение.
Делегацијата во која се министерот без ресор Едмонд Адеми, заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски ќе се сретне и со претставниците од Албанија заради заедничко делување и управување со Охридското Езеро и неговотo опкружување.
Охридскиот регион, единствениот локалитет во земјава под заштита на УНЕСКО, веќе е прогласен за светско природно и културно наследство во опасност поради енормниот број на дивоградби за кои засега нема конкретна акција ниту од локалната власт, ниту од владата.

Пред неколку дена општина Охрид го објави регистарот на дивоградби кој откри дека Охрид го „притискаат“ речиси 1100 дивоградби, од кои околу 400 во заштитениот појас без притоа да се обелоденат имињата на сопствениците на овие незаконски објекти.
„360 степени“ неколкупати ја истражуваше темата на дивоградбите во Охридскиот регион и заканата што тие ја претставуваат за неговиот статус во УНЕСКО. Сознанијата до кои дојдовме покажуваат институционална некоординираност, преклопување на надлежностите меѓу централната и локалната власт, како и контрадикторни одлуки на органите надлежни за расчистување на ситуацијата кои, според невладините организации, манифестираат негрижа за Охридскиот регион.