Треската што ја предизвика моделот на „Дипсик“, Р1 (R1), кој стана најсимнувана апликација на „Апстор“ (App Store) во САД, надминувајќи ја апликацијата „Чет ГПТ“ (ChatGPT) на американската компанија „Опен АИ“ (Open AI), како што пренесува Би-би-си, можеби најдобро ја опиша американскиот бизнисмен и поранешен софтвер инженер, Марк Андресен, нарекувајќи ја „Спутник момент“ во областа на вештачката интелигенција
Лансирањето на кинеската апликација „Дипсик“ (DeepSeek) го растресе светскиот технолошки пазар и ја доведе во прашање досегашната американска доминација во развојот на вештачка интелигенција.

Ова е една од главните вести што денеска ја пренесуваат светските медиуми , откако четбот апликацијата вчера предизвика пад на индексите на берзите во Њујорк.
Потрес на берзите
Цената на акциите на „Нвидиа“ (Nvidia) паднаа за 17 отсто, со што пазарната вредност на најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција падна за речиси 600 милијарди долари, што е најголем дневен пад на вредноста на една компанија во историјата на Волстрит. Во исто време, индексот на секторот за производители на чипови падна за повеќе од девет проценти, што е негова најголема дневна загуба од 2020 година.
Пад на берзите во раната трговија имаа и технолошките гиганти „Мајкрософт“ (Microsoft) и „Мета“ (Meta). Вкупната загуба на берзата во САД вчера достигна над илјада милијарди долари, односно еден билион долари.
Треската што ја предизвика моделот на „Дипсик“ Р1 (R1), кој стана најсимнувана апликација на „Апстор“ (App Store) во САД, надминувајќи ја апликацијата „Чет ГПТ“ (ChatGPT) на американската компанија „Опен АИ“ (Open AI), како што пренесува Би-би-си, можеби најдобро ја опиша американскиот бизнисмен и поранешен софтвер инженер, Марк Андресен, нарекувајќи ја „Спутник момент“ во областа на вештачката интелигенција. Неговата алузија се однесува на лансирањето на првиот вештачки сателит во Земјината орбита во 1957 од страна на поранешниот Советски Сојуз во вселенската трка со САД што беше еден од настаните што го одбележа минатиот век.
Со коментар излезе и новиот американски претседател Доналд Трамп кој изјави дека лансирањето на четботот на кинеската компанија „Дипсик“ е повик за будење за американските технолошки компании во глобалната трка за доминација во областа на вештачката интелигенција.
„Објавувањето на ‘Дипсик’, вештачка интелигенција од кинеска компанија, треба да биде повик за будење за нашите индустрии на кои треба да бидеме ласерски фокусирани за се натпреваруваме и да победиме“,
рече Трамп, пренесува „Гардијан“.
Американскиот претседател се осврна на способноста на кинеската апликација да ги испорача истите перформанси како постојните модели на вештачка интелигенција, но со помалку вложени средства и ресурси.
„Тоа е добро затоа што не треба да трошите толку многу пари… Го гледам тоа како позитивно, како предност“,
додаде Трамп.
Какви се реакциите
Раководителот на пазари во британската компанија „Интерактивити инвестор“, во интервју за новинската агенција Ројтерс, смета дека е прерано „Дипсик“ да се опише како егзистенцијална закана за АИ-решенијата во САД.
„Сепак, дефинитивно ќе предизвика паника кај инвеститорите додека се обидуваат да ја оценат потенцијалната штета што би можела да ја има врз оваа растечка индустрија“,
вели тој.

Ричард Виндзор, технолошки аналитичар и основач на истражувачката компанија „Радио фри мобајл“ (Radio Free Mobile), за Дојче веле изјавил дека нема сомнеж оти моделот на „Дипсик“е напреден како што се тврди.
„Ова е реално. Ако не го објавеа комплетно во отворен код, ќе имаше многу повеќе сомнежи за перформансите. Но, тие го објавија и може да се измери според постојните стандарди“,
рекол тој.
Најновиот модел на „Дипсик“, Р1, претставен месецов, е со отворен код и покажува перформанси споредливи со водечките западни модели, и покрај ограничените ресурси.
Моделот користи напредни техники како „синџир на мисли“ и ја демонстрира способноста да се самоподобрува без човечки надзор. Овој модел стана симбол на технолошките иновации на Кина и предизвика поширока дебата за глобалната доминација во секторот за вештачка интелигенција.
„Дипсик“ успеал да развие напреден јазичен модел, користејќи многу помалку ресурси во споредба со конкуренцијата и употребувајќи чипови со намалени можности, како што е „Nvidia H800“, во период од само два месеци. Компанијата соопшти дека потрошила само 5,6 милиони долари за развој на својот нов модел, во споредба со стотиците милиони, па дури и милијарди долари што американските компании ги трошат на своите технологии за вештачка интелигенција. За екстремно ниската цена на оваа технологија најпрво пишуваше „Вол стрит журнал“ (Wall Street Journal).
Големи амбиции и можни импликации
„Дипсик“е основана во 2023 година како истражувачка група на кинескиот квантитативен хеџфонд „Хај-флајер“ (High-Flyer), основан од претприемачот Лианг Венфенг. Компанијата се наоѓа во Хангжу, во провинцијата Жеџијанг во источна Кина. Лианг Венфенг, роден во 1985 година, дипломирал на Универзитетот во Жеџијанг со диплома по електротехника во 2006 година, а во 2010 година магистрирал информатичко-комуникациско инженерство.

Лианг Венфенг и „Дипсик“, според пишувањето на медиумите, ја застапуваат филозофијата „АИ за сите“, нагласувајќи дека технологијата треба да биде достапна за сите, а не само за големите корпорации.
Успехот на „Дипсик“ го привлече вниманието не само на технолошките аналитичари, туку и на регулаторните тела ширум светот, кои внимателно го следат влијанието на кинеските компании на глобалниот технолошки пазар. Некои аналитичари веруваат дека понатамошните успеси на „Дипсик“ би можеле да влијаат на динамиката на пазарот на вештачка интелигенција и да поттикнат воведување нови регулативи.