Министерот за здравство најави и реорганизација на Клиниката за онкологија со цел, како што рече, да се децентрализира третирањето пациенти со карцином
Во текот на оваа недела повторно ќе има биолошка терапија на Клиниката за онкологија, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Вели дека нема недостиг на целата терапија и дека 90 отсто од лековите што се користат како онколошка терапија ги има во Клиниката за онкологија.

„Се надевам дека оваа недела Клиниката за онкологија ќе биде снабдена со биолошка терапија. Ние досега сме имале дури повеќе биолошка терапија отколку минатите години, меѓутоа побарувањата од пациентите се многу поголеми, затоа веќе имаме протоколи и конзилиум од доктори, бидејќи навистина е луксузна и не треба да се даде баш секаде, туку каде што е индицирано и таму каде што лекарскиот конзилиум ќе одлучи дека треба да се даде биолошка терапија. Уште еднаш да повторам – лекови има, не дека недостигаат сите лекови, и во текот на оваа недела повторно ќе има биолошка терапија на Онкологија“,
изјави Таравари пред настан по повод завршување на проектот за имплементација на Стратегијата за здравство 2021-2030“.
Министерот за здравство најави и реорганизација на Клиниката за онкологија со цел, како што рече, да се децентрализира третирањето пациенти со карцином.
„Интензивно работиме ‘8 Септември’ набрзо да почне да функционира со цел во Клиниката за онкологија да има помалку пациенти. Штип, Тетово и Битола функционираат. Ние во овој период веќе размислуваме и да се реорганизира Клиниката за онкологија, да функционира слично како Токсикологија. Дирекцијата да биде единствена и директорот да може да ги управува сите подединици кои ќе бидат во градовите каде што може да се подели или да се ординира онколошката терапија“,
изјави Таравари.
Дека проблемот со недостигот на биолошка терапија на Онкологија ќе биде решен изјави и директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски.
„Токму сега доаѓам од состанок со директорот на Клиниката. Еден дел ќе бидат решени со донации кои ќе се реализираат во текот на неделата бидејќи лековите се присутни и ги има во резерва во Македонија, дел ќе бидат со анекси на договорите и тоа го расчистуваме денеска и утре со јавните набавки. Така што, мислам дека критичните лекови ќе бидат многу брзо достапни“,
рече директорот на ФЗО.
Клековски додаде дека моментално се работи на план за долгорочно решение за дефицитот на лекови за пациентите на Онкологија, почнувајќи од дијагностиката. Дополнително, како што рече, ќе мора да се разгледа и децентрализацијата на терапијата – дел од таблетарната да биде на позитивна листа за да може да се подигнува надвор од Онкологија, а ќе се бара и начин како дел од биолошката терапија да се доделува надвор од Клиниката.
