Според Мицкоски, главна причина што земјата се уште не успеала да се зачлени во ЕУ се билатералните прашања што, како што вели, не би требало да бидат критериуми и услови

Се чудам од каде тие се почувствуваа повикани бидејќи никој не беше споменат во таа моја изјава и зачуден сум зошто таква реакција. Ова е коментарот на премиерот Христијан Мицкоски на денешната реакција на грчкото Министерство за надворешни работи, а која се однесува на неговата изјава на средбата со дијаспората во Њу Џерси, САД.
Мицкоски вчера пред македонската дијаспората рече дека „треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и во други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска бидејќи тоа не е решено и тоа со векови тлее и трае и сè уште постои“.
Мицкоски денеска во интервју за дневникот на МТВ рече дека ваквата реакција на официјална Атина можеби е поради нивни домашни потреби и „ќе го прифатам тоа како такво“.
Мицкоски во одговорот рече дека нема да дозволи „да бидеме испровоцирани и сето тоа да претставува еден процес кој нема крај“.
„Мојата цел и мојата порака е јасна. Како претседател на Влада би било неодговорно и предавнички кон македонскиот народ, кон македонските граѓани, јас да кажам дека македонското прашање е затворено во услови кога ние не сме дел од европското семејство, а патот сме го почнале многу пред можеби некои земји – членки кои се таму и тоа е прашање што стои отворено“,
рече Мицкоски.
Според Мицкоски, главна причина што земјата се уште не успеала да се зачлени во ЕУ се билатералните прашања што, како што вели, не би требало да бидат критериуми и услови.
Тој додаде и дека не може да се каже дека македонското прашање е затворено кога Судот за човекови права има донесено одлуки и пресуди за Македонците од другата страна на границата во Бугарија, кои велат дека бугарското општество не ги почитува елементарните човекови права кон македонската заедница таму.
„Ќе биде неодговорно и предавнички од мене како претседател на македонската Влада ова да го игнорирам и на поданички и полтронски начин да се повлекувам мислејќи дека на тој начин ќе ги решавам проблемите. Не, јас се додека сум жив и се занимавам со оваа работа ќе се борам овие неправди да бидат исправени во 21 век. Кога мене ќе ме нема и нема да ја вршам оваа работа, тогаш останува на генерациите по мене. Но, мора да имаме институционална трага дека сме се бореле, не сме го напуштиле бојното поле и не сме биле издајници на македонскиот народ и на македонскиот идентитет“,
рече Мицкоски.
Денеска од Министерството за надворешни работи на Грција коментирајќи ја вчерашната изјава на премиерот Мицкоски рекоа дека тој избрал да зборува за „нерешеното“ и „постоечко“ македонско прашање. Тоа, како што пишува во реакцијата, претставува провокација за Грција, но и обид да го врати во преден план прашањето кое е решено и како што веќе е познато дефинитивно и неотповикливо.
„Грција потсетува дека за дополнителниот напредок во билатералните односи со Северна Македонија и непречено продолжување на европскиот пат на соседната земја, предуслов е целосното почитување на Договорот од Преспа, како и воздржување од непомирливи изјави и претензии кон соседните земји“,
се вели во соопштението од грчкото МНР.
Изјавата на Мицкоски ја пренесоа голем дел од грчките медиуми. Коментираат дека со оваа изјава тој провоцира кога говори за нерешеното македонско прашање. Според нив, откако Мицкоски ја презеде премиерската функција пред половина година, често ги прекршува условите од договорот, како, на пример, тоа дека ја нарекува неговата земја Македонија, наместо да го користи нејзиното уставно име Северна Македонија.