Мисијата на ОБСЕ во Македонија, во третиот и последен преоден извештај за предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство презентиран денеска, ја критикува ефикасноста и брзината на судските процеси.

Во документот се констатира дека судењата се одвиваат бавно во основа поради две причини: Несоодветниот начин на изведување на доказите пред судечкиот совет и честите одолговлекувања и одложувања на закажаните расправи.
„Во најголемиот број судења, изведувањето на материјалните докази се вршеше пред да биде слушнат исказот на повиканите сведоци. Дополнително, се чини дека обвинителите не ги поседуваат потребните вештини и/или не се спремни да ги изберат и пред судот да ги изведат само релевантните докази со кои се потврдуваат наводите од обвинителниот акт“,
се вели во извештајот.
Што се однесува до судиите пак, во извештајот пишува дека „се чини дека тие се премногу толерантни и ги прифаќаат различните барања на странките во однос на предлагањето докази“.
„Во текот на судењата, тие, не секогаш го користат своето право на вршење контрола над дозволеноста и прифатливоста на доказите, туку дозволуваат изведување на сите докази предложени од странките, без претходно да извршат оценка на релевантноста на истите“,
се вели во извештајот.
Главна причина за одложување на рочиштата и натаму е отсуството на обвинети
Во текот на временскиот период опфатен со овој извештај, стапката на одложување на судските расправи е на речиси исто ниво како и во претходниот период на анализа, односно 34%. Главна причина за одложување на рочиштата и натаму е отсуството на обвинети.
„Судовите презедоа значителни напори во обид да ги завршат предметите, закажувајќи почести расправи. Истовремено, одбраната ги користеше сите можности што ги имаат во согласност со законот, во обид да го забави одвивањето на судските процеси. Оваа активност на одбраната имаше последици во однос на должината на судењата, наспроти должноста што ја има судот за обезбедување брзи судски разрешници на кривичните предмети. Главната причина за одложување на рочиштата и натаму останува отсуството на најмалку еден од обвинетите (26%). Во споредба со претходните извештаи, овој процент бележи пораст “,
се вели во извештајот.
Во документот се посочува дека важечката законодавна рамка, на судовите не им нуди ефективни алатки во ситуациите кога обвинетите лица самоволно донеле одлука да не присуствуваат на судењето. Сепак, како што е посочено и во петтото поглавје, судот има можност на обвинетиот да му изрече парична казна доколку смета дека ваквото право се злоупотребува.
Препораки
ОБСЕ дава и препораки со цел да се решат прашањата утврдени во извештајот.
Се препорачува навремено и целосно споделување на сите докази со одбраната, односно, оние што одат во полза на обвинението, меѓутоа и оние во полза на обвинетиот, без разлика на форматот во кој се наоѓаат, како и да се направи прецизен избор на доказите што ќе се изведуваат во текот на судењето.
На адвокатите им се препорачува да ги прифаќаат само оние предмети за кои се сигурни дека можат да понудат ефикасно и квалитетно правно застапување, а на судовите да ги одложуваат расправите само кога тоа го бараат и им оди во полза на обвинетите кои навистина не се во состојба да присуствуваат.
ОБСЕ досега објави три извештаи за работата и предметите на СЈО.
Првиот беше објавен во август 2018 година и се однесуваше на првичната фаза од активностите на СЈО.
Вториот преоден извештај објавен лани во јуни содржи анализа на набљудуваните судски предмети во периодот помеѓу ноември 2016 и ноември 2018 година, односно во двете години од почетокот на првиот судски процес на СЈО.
