Соочен со притисокот од јавноста и опозицијата, вицепремиерот и министер за земјоделство на Хрватска, Јосип Дабро на својот фејсбук профил објави дека поднесува оставка од позициите поради „морални причини“
Хрватскиот вицепремиер и министер за земјоделство Јосип Дабро поднесе оставка поради скандалозното видео во кое е снимен како пука со пиштол од автомобил во движење. Одлуката дека ќе се повлече од владиниот состав ја сподели на социјалната мрежа Фејсбук, каде напиша дека оставката ја поднесува од морални причини.
Видеото, кое беше објавено од Јутрањи лист, покажува како Дабро, седејќи на совозачкото седиште, испукува петнаесет истрели од пиштол ХС-2000 низ отворен прозорец во близина на населено место.

На снимката, Дабро, облечен во шорцеви и маица, најпрво го репетира пиштолот велејќи: „Само за мојот брат Марио“. По пукањето, тој го враќа пиштолот во кабината и изговара: „Поздрав брате Марио, добра ноќ“. Иако Дабро ја потврди автентичноста на видеото, тој тврдеше дека користел маневарска муниција, а не вистински куршуми.
Хрватската влада го осуди ваквото однесување како „несоодветно и неодговорно“, но напомена дека инцидентот се случил пред Дабро да стане министер. Како резултат на скандалот, хрватската полиција и обвинителство започнаа истрага за можно кривично дело – загрозување на животот и имотот со општо опасно дело или средство.
