Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, се противи на забраната на Тик-ток и верува дека оваа апликација му помогнала да привлече млади гласачи во претседателската трка минатата година
Врховниот суд на Соединетите Американски Држави (САД) денеска го потврди законот со кој се забранува кинеската апликација Тик-ток. Забраната треба да стапи во сила в недела, пренесува Ројтерс.
Со тоа, според законот, кинеската компанија „Бајтденс“ треба да го продаде американскиот бизнис на својата популарна социјална мрежа Тик-ток до 19 јануари или во спротивно апликацијата ќе биде забранета во Америка.

Законот за забрана на Тик-ток беше усвоен со големо двопартиско мнозинство во Конгресот минатата година и беше потпишан од американскиот претседател Џо Бајден.
Сега Врховниот суд заклучи дека законот не го прекршува првиот амандман од американскиот устав, кој ја штити слободата на говорот.
Врховниот суд ги сослуша аргументите од двете страни до 10 јануари, на само девет дена пред истекот на рокот предвиден со Законот.
Тик-ток го користат милиони Американци и е меѓу најпопуларните платформи во земјата. Но, од Врховниот суд посочија дека Конгресот потврдил оти неговата продажба е неопходна поради националната безбедност.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, се противи на забраната на Тик-ток и верува дека оваа апликација му помогнала да привлече млади гласачи во претседателската трка минатата година.
Новиот советник за национална безбедност на Трамп, Мајкл Валц, рече дека новоизбраниот претседател има намера да преземе чекори за зачувување на Тик-ток кога ќе се врати на претседателската функција.
„Тик-ток сам по себе е фантастична платформа“,
изјави тој за Фокс њуз.
Сепак, Трамп денеска објави дека одлуката на Врховниот суд да ја потврди забраната за Тик-ток треба да се почитува, како и дека тој треба да има време да одлучи дали да ја спроведе.
„Мојата одлука за Тик-ток ќе биде донесена во блиска иднина, но мора да имам време да ја разгледам ситуацијата“,
рече новоизбраниот претседател.
Инаку, кинеската влада има голем удел во компанијата „Бајтденс“, која го поседува Тик-ток, што, според САД, ѝ дава моќ врз оваа социјална мрежа.