Рубио ја поддржа визијата на новоизбраниот претседател Трамп, кој ги става американските национални интереси на прво место. Трамп постојано ветуваше дека ќе стави крај на војната во Украина во рок од 24 часа по преземањето на функцијата, а истовремено повикуваше на намалено американско учество во Украина и НАТО
Марко Рубио, кандидат за државен секретар во кабинетот на Доналд Трамп, ги претстави своите ставови за клучните надворешнополитички прашања за време на сослушувањето пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот. Меѓу главните теми беа војната во Украина, односите на САД со Кина и улогата на САД во НАТО.

Рубио изјави дека војната во Украина е влезена во ќор-сокак и мора да заврши, нагласувајќи дека ниту Русија ќе успее да ја окупира цела Украина, ниту Украина ќе може да ја врати целата своја територија под руска контрола. Тој нагласи дека за постигнување мировен договор ќе бидат потребни отстапки од сите страни, вклучувајќи ги Русија, Украина и САД.
Рубио истакна дека американските санкции кон Русија претставуваат клучен „лост на влијание“ и посочи дека нивното укинување би можело да биде дел од преговорите за решавање на конфликтот.
„Санкциите и нивното укинување мора да бидат дел од разговорот за постигнување решение“,
рече тој.
Рубио ја поддржа визијата на новоизбраниот претседател Трамп, кој ги става американските национални интереси на прво место. Трамп постојано ветуваше дека ќе стави крај на војната во Украина во рок од 24 часа по преземањето на функцијата, а истовремено повикуваше на намалено американско учество во Украина и НАТО.
„Претпазливоста во водењето на надворешната политика не значи напуштање на нашите вредности. Ставањето на нашите основни национални интереси над сè друго не е изолационизам, туку здраворазумска одлука“,
рече Рубио.
Цврст став кон Кина
Рубио упати остри критики за Кина, обвинувајќи ја кинеската Комунистичка партија за злоупотреба на глобалниот поредок, крадење на интелектуална сопственост и доминација на клучните глобални ресурси. Тој истакна дека Кина претставува најголем ривал на Соединетите Држави и предупреди на нивните амбиции да ги контролираат глобалните резерви на критични минерали.
Рубио ги повика европските земји да престанат да ја користат американската поддршка за НАТО како изговор за трошење за сопствените домашни потреби. Тој ја истакна потребата да се зајакне одговорноста на европските сојузници во одбраната.
Надворешнополитичките ставови на Рубио демонстрираат обид за балансирање помеѓу визијата на Трамп за изолационизам и традиционалната американска улога како глобален лидер, со акцент на зачувување на американските интереси и националната безбедност.
