Ќе ги искористиме сите политички и правни механизми за да го спречиме ова антиалбанско лудило, велат од ДУИ
Демократската унија за интеграција најостро ја осудува одлуката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за непотпишување на указот за Законот за заштита на децата. Според ДУИ, станува збор за скандалозна одлука која претставува напад на двојазичноста.
„Ова е отворен напад врз албанскиот јазик и обид за поткопување на правата на Албанците во Северна Македонија! Но, ова не е изолиран чин, туку јасно координирана стратегија. Прво, лидерот на ‘Влен’, Африм Гаши, јавно настапи со изјава со цел да го подготви јавното мислење против албанскиот јазик и да создаде алиби за овој чекор, а веднаш потоа, разгорениот антиалбански национализам се активираше за да негира и напаѓа сè што е албанско. Ова е агресија против Албанците, во која ‘Влен’ свесно ја презема улогата на соработник,“
велат од ДУИ.
За ДУИ ова не е само удар врз јазикот, туку обид за враќање на Албанците назад, за демонтирање на, како што велат, сите тешко стекнати права. Во реакцијата посочуваат и дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со поддршка на „Вреди“, покажува дека нема никаков интерес за соживот, туку следи реваншистичка, антиалбанска и опасна агенда.
„ДУИ има јасна порака: Албанскиот јазик не е монета за политичко поткусурување! Тој е уставно загарантирано право, а не инструмент кој оваа влада може да го користи по сопствена волја! Им упатуваме повик на сите Албанци, сите граѓани кои веруваат во соживотот, граѓанското општество и сите демократски сили во земјата да се мобилизираат и да не дозволат оваа срамна стратегија да се реализира. ДУИ нема да седи со скрстени раце! Ќе ги искористиме сите политички и правни механизми за да го спречиме ова антиалбанско лудило. Претседателката и оваа влада треба да знаат едно: Албанците нема да дозволат да бидат избришани! Нашиот јазик е нашето достоинство, нашиот идентитет и нашата иднина – и ќе го браниме по секоја цена“,
додаваат од ДУИ.
Реакцијата на ДУИ следува откако СДСМ објави дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го потпишала указот за Законот за заштита на децата.
Од СДСМ побараа власта целосно да се откаже од законските измени поради спорни одредби кои се однесуваат на двојазични лиценци од областа на детската заштита.
„Членот 9 и членот 10 од предлог-законот за измена којшто го предложи Владата значи воведување двојазични лиценци од областа на детската заштита. Спорно е што овој сегмент е регулиран со друг закон кој ја уредува употребата на јазиците, но и Уставот на државата. Со предложените измени на законот, власта ги враќа процесите назад, со воведување можност за полагање за стекнување со лиценца во хартиена форма наместо во дигитална. Ова отвора можности за злоупотреби, партизација и сомнителни доделувања на лиценци по партиски клуч“,
велат од СДСМ.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на 31 декември 2024 г. испратила известување до претседателот на Собранието Африм Гаши дека нема да го потпише указот за прогласување на Законот за заштита на децата бидејќи, според неа, изгласаните измени содржат повеќе спорни одредби. Во образложението таа наведува дека спровела темелна анализа и експертски консултации по што бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од предлог-законот.
Во документот до кој дојде „360 степени“, претседателката вели дека посочените членови од законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот закон за употреба на јазиците.
„Потсетувам дека начинот на употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо се веќе уредени со закон“,
се наведува во образложението од претседателката.