Во врска со случајот, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесени се кривични пријави против 19 физички лица и пет фирми за кривичните дела царинска измама, прикривање стока од сторено кривично дело царинска измама, фалсификување и злоупотреба на службена должност и овластување, информира денеска директорот на Царинската управа, Бобан Николовски
Увозници, шпедитери, возачи вработени во превозни компании и царински службеници организирале мрежа преку која вршеле кривични дела со употребувани возила. Нелегалните активности на групата биле откриени од Царинската управа, преку Секторот за контрола и истраги.

За случајот денеска на прес-конференција информираше директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, според кого, возилата на нелегален начин биле ставани во промет и завршувале на автоплацови во земјава, без да се платат увозни давачки.
Како што соопшти тој, запленети се 35 автомобили со вкупна вредност од 20 милиони денари (околу 325 000 евра) при што врз буџетот на државата преку избегнување плаќање увозни давачки е нанесена директна штета од девет милиони денари или околу 146 000 евра.
Според првиот човек на Царината, постои сомневање дека избегнатите давачки и нанесената штета врз Буџетот на државата се многу поголеми, бидејќи постои голема веројатност овие дела да се случувале повеќекратно во текот на изминатите години.
Во врска со случајот, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесени се кривични пријави против 19 физички лица и пет фирми за кривичните дела царинска измама, прикривање стока од сторено кривично дело царинска измама, фалсификување и злоупотреба на службена должност и овластување.
„Со целосно завршување на предистражните и истражните дејствија, кривични пријави ќе следат и за други лица, при што некои од нив ќе се товарат за повеќекратно извршување на исти или слични дела. Во однос на царинските службеници кои извршиле злоупотреба на службена положба и овластување, во тек се дисциплински постапки, по што ќе следат соодветни казнени мерки“,
рече Николовски.
Според директорот на Царината, Секторот за контрола и истраги во случајот утврдил грубо кршење на законските прописи од страна на сторителите, давајќи опис на дејствијата што ги преземале.
„Изработувале фалсификувани придружни документи кои се потребни за завршување на царинската постапка и фиктивно го раздолжувале транзитот без притоа да спроведат царинска постапка. Така, без да бидат платени царината и другите увозни давачки, возилата биле пуштани во слободен промет и истите завршувале на различни автоплацови во државата“,
рече Николовски.
Ова, како што кажа тој одговарајќи на новинарско прашање, се случувало на крајот на 2023 и во првата половина на 2024 година.
Додаде дека овие случаи се само почеток на борбата со организираниот криминал што ќе следува.
„Откривањето на овие случаи е само почеток на она што следи. Ќе продолжи со засилено темпо откривањето и спречувањето на сите криминални појави“,
порача директорот на Царинската управа.