Повикувајќи се на извештај на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), за кој рече дека е декласифициран за јавноста, премиерот посочи дека тогашните безбедносни служби измислиле извор кој до нив доставил информација оти бил организатор, нарачател и финансиер на „параполициско воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи“
Откако пред неколку месеци од собраниската говорница обвини дека поранешната власт на СДСМ и ДУИ преку тогашните безбедносни служби незаконски го следела, премиерот Христијан Мицкоски денеска од истото ова место рече дека тоа се правело на „многу интересен начин“.

Повикувајќи се на извештај на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), за кој рече дека е декласифициран за јавноста, Мицкоски посочи дека тогашните безбедносни служби измислиле извор кој до нив доставил информација оти бил организатор, нарачател и финансиер на „параполициско воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи“.
„Конкретно таква информација доставил од објективни причини, нема да го кажам точниот датум, туку ќе кажам некаде од почетокот на 2020 година, што е чудно оти коинцидира со изборите коишто тогаш се случуваат, во којашто вели, внимавајте, параполициско воено вооружена формација составена од македонски радикални екстремни и националистички настроени државјани кои имаа за цел во предизборието да вршат заплашување и закани на македонски граѓани за да издејствуваат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. И ова е многу интересно, нарачател и финансиер на оваа параполициско воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи, е професор д-р Христијан Мицкоски“,
рече Мицкоски од собраниската говорница.
Ова, како што рече, било покритие за тој и неговото семејство да бидат следени.
„Некаде во втората половина од оваа година истиот овој извор ‘цилиндар’ вели дека јас сум виден како пешачам со две женски личности на Водно. Во името на приватноста не сакам да ги кажам. Како што не е вистинита првата информација, така не е ниту оваа втората вистинита. И замислете, тие ми презентирале информации од мој политички интерес. А додека пешачам, изворот ‘цилиндар’ мене ме покривал“,
рече Мицкоски и додаде дека и во 2021 година за време на локалните избори бил следен, но оти тогаш изворот го добил името „џокер“.
Обвини дека бил следен и пред локалните избори во 2021 година кога изворот, кој тогаш го добил името „џокер“, рекол дека средбата на Мицкоски во манастирот „Св. Јован Бигорски“ со припадници на патриотско друштво не била случајна, туку средба остварена со цел нарушување на безбедноста и стабилноста на Македонија.
И за овој случај, исто така, рече дека е алиби за физички да биде следен.
„И тоа не е сè. Тука се покривани и мојата сопруга, моето семејство и мојот малолетен син. И двајцата, едниот е поголем, другиот е помал. Но, и тие се покривани физички. Е, сега, ова ли се европските вредности? Ајде за тоа што крадеа, крадеа, за тоа ќе има одговорност. Има институции во оваа држава. Овие европски вредности ги промовираа овие луѓе. Дали ова се вистинските европски вредности, дали јас ви личам на човек којшто може да финансира параполициско воено вооружена формација“,
додаде Мицкоски.
За тоа што бил следен тој лично, но и неговото семејство, рече дека ќе следува одговорност.