„Реалноста е сосема друга од онаа што ја презентира Мицкоски. Лажните кошнички за поевтини цени се трик на Мицкоски и трговците, со што тие печалат на маката на луѓето“, вели лидерот на опозицијата
Денеска Мицкоски рече дека било срамота тоа што го правеле трговците. Не, господине Мицкоски, срамота е што дозволивте тоа да го прават и тајно со нив се договорате, а во јавноста глумите загрижен политичар, рече лидерот на опозцискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, вечерва на конференција на општинската организација во Битола.

„Касно е да ја префрлате вината за овој дебакл и грабеж на трговците, одговорноста е само ваша“,
вели Филипче.
Според него, Мицкоски е виновен за измамата со кошничките, расте сиромаштијата, а трговците профитираат.
„По шест месеци влада на ВМРО-ДПМНЕ се чувствува голема економска несигурност и слабеење на стандардот на граѓаните. Сметките растат, цените растат, а Владата со измами се обидува да ги излаже луѓето дека со нешто им помага“,
рече тој.
Посочи дека граѓаните тоа најдобро го забележуваат кога ќе влезат во маркетите.
„Реалноста е сосема друга од онаа што ја презентира Мицкоски. Лажните кошнички за поевтини цени се трик на Мицкоски и трговците, со што тие печалат на маката на луѓето“,
кажа Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека на владина седница ќе побара од министерот за економија и труд, пазарните инспектори да тргнат во вонредни контроли кај трговците за да утврдат како цената на одредени основни производи е зголемена во изминатите 30 дена.
Мицкоски апелираше до трговците да го преиспитаат своето однесување и да не се служат со трикови.
„Со трикови не функционирам и тие што мислат дека ќе функционираат со трикови, се лажат. Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го прават со драматично зголемување на некои други призводи како маслото, лебот, млеко, млечни производи, јајца, брашно. Жестоко ќе се спротивставиме на оние што мислат дека нè надмудриле. Срамота е ова што го прават пред празниците што доаѓаат“,
рече тој.
Додаде дека тоа што го прават трговците не е коректно и затоа вели дека ќе побара вонредна инспекција за ова, како што рече, девијантно однесување да престане.
