Премиерот вели дека поранешниот прв вицепремиер е ставен на американската „црна листа“ поради сомнение за сторен криминал, а не од политички причини и затоа не очекува некоја од земјите од соседството да му даде политички азил
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не очекува некоја од земјите од соседството да му даде политички азил на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби со оглед на тоа што, како што вели, тој е на американската „црна листа“ поради сомнение за сторен криминал, а не од политички причини. Но, сепак, како што вели, тоа е одлука на тие коишто би влегле во таков вид процедура.
„Лицето е на листата на санкции на САД и јасно се наведени причините зошто се наоѓа таму – поради основано сомневање за сторен криминал. Поради тоа основано сомневање за сторен криминал обвинителството покрена истрага, а судот, како што сум информиран, изрече мерка за претпазливост, односно притвор во времетраење од 30 дена. Така што, тука не станува збор за политички причини, туку очигледно дека има нешто различно од политиката, односно дека постои основано сомневање за сторен криминал“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Во однос на вчерашното обраќање на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во кое тој рече дека партијата е „ураган“ и дека нема да дозволат промена на Законот за јазици, премиерот кажа дека за тоа ќе одлучи Уставниот суд.
„Тие мислат дека со закани ќе мобилизираат повеќе луѓе. Законот за јазици дали ќе се смени или нема да се смени и што ќе се случува, треба да одлучи Уставниот суд. Таму треба да има јавна дебата, тие ќе побараат мислење од Венецијанската комисија и слично“,
изјави Мицкоски.
Зборувајќи за партијата на Ахмети, премиерот обвини дека во повеќе од дваесет години владеење, ДУИ не направила ништо добро, туку сè што правеле било со недостатоци.