Говорејќи на прес-конференцијата по самитот, од кој беше дел и македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека е потребно максимално да се искористи новиот моментум и да се создадат сите потребни услови за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан
„Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија“, се вели во Декларацијата што на крајот на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел ја усвоија шефовите на држави и влади на земјите членки на Европската Унија и во која се додава дека проширувањето на Европската Унија е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот.
„Од нашиот последен Самит има нова динамика во процесот на проширување и забележителен напредок. Забрзувањето на пристапниот процес, заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и принципот на индивидуални заслуги, е во наш заеднички интерес“,
се наведува документот.
Во него се посочува дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се сржта на Европската Унија, па затоа од суштинско значење е спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучително и на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
„Сè уште се потребни решителни дополнителни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашањата вкоренети во наследството на партнерите од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и со Договорот за прашањата за сукцесија, како и за случаите на исчезнати лица и прашањата за воените злосторства“,
се вели во „Бриселската декларација“.
Во текстот се додава дека европските лидери се посветени и на приближување на партнерите од Западниот Балкан кон ЕУ уште во текот на пристапниот процес, при што се нагласува и дека Планот за раст на регионот има потенцијал да го удвои неговиот економски раст во следната деценија и да ја забрза социоекономската конвергенција меѓу него и Европската Унија, под услов „партнерите да ги спроведат реформите поврзани со ЕУ“.
Во Декларацијата се посочува дека Европската Унија ја поздравува решеноста на партнерите од Западниот Балкан да ги почитуваат основните европски вредности и принципи во согласност со меѓународното право и посветеноста на приматот на демократијата, основните права и вредности и владеењето на правото.
„Делиме заедничка иднина и се соочуваме со итни предизвици кои можеме да ги надминеме само заедно. На нашите граѓани им должиме да изградиме иднина на мир и просперитет, заснована на споделените принципи и вредности и заеднички интереси“,
се вели, меѓу другото, во документот.
Говорејќи на прес-конференцијата по самитот, од кој дел беше и македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека е потребно максимално да се искористи новиот моментум и да се создадат сите потребни услови за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.
„Испраќаме силен сигнал со Бриселската декларација што ја усвоивме денеска и мило ми е што партнерите од Западен Балкан се согласија со неа. Затоа, би сакал да го изразам моето задоволство што договоривме декларација која е поинаква од оние на претходните самити, поконцизна и која може полесно да ја разберат граѓаните“,
рече Кошта.
Тој го повтори ставот дека проширувањето е најдобрата геостратешка инвестиција во мир, безбедност и стабилност, како и дека постепената интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија веќе напредува според принципот на заслуги.
„Денешната декларација го нагласува фактот дека нашиот План за раст на Западен Балкан е вистински „менувач на играта“. Граѓаните во регионот ќе видат удвојување на економскиот раст преточен во нови работни места и подобри услуги во следната деценија. Не постои друг регион во светот во кој Европската Унија има инвестирано толку многу ресурси“,
рече претседателот на Европскиот совет.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен порача дека тоа што овој самит беше првиот собир на стартот на новиот мандат на европските институции, покажува колку Западниот Балкан е важен за Европската Унија.
„Мораме да се издигнеме до нова реалност. Новата реалност е дека не е доволно едноставно да ја оставиме вратата отворена за нашите аспиранти, туку треба да бидеме активни и треба активно да ги доближуваме до нас. Истата амбиција и политичка определба ќе ја задржиме и во овој нов мандат. Ќе продолжиме да работиме напорно на два приоритети со нашите партнери од Западен Балкан: Пристапување во ЕУ и постепена интеграција во нашиот единствен пазар“,
рече Фон дер Лајен на прес-конференцијата.
Според неа, секој бран на проширување ја прави ЕУ посилна, но за да се оствари успех во овој процес потребна е подготвеноста на двете страни – идните земји членки мора да се подготват за одговорностите од членството, а Унијата мора да се прилагоди за да прифати поголемо семејство.