Во соопштението испратено од ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека опозициската СДСМ „нема кредибилитет да зборува за судството и независноста на институциите, затоа што СДС со својот коалициски партнер ДУИ, седум години практикуваа исклучиво партизација на сите пори на општеството“
Ставањето на Артан Груби на „црната листа“ на САД за влијание во судски одлуки е потврда дека СДСМ и ДУИ се тие што го партизираа судството, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Во соопштението испратено од ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека опозициската СДСМ „нема кредибилитет да зборува за судството и независноста на институциите, затоа што СДС со својот коалициски партнер ДУИ, седум години практикуваа исклучиво партизација на сите пори на општеството“.
„СДС и ДУИ се синоним за партизација, окупирање на институциите и директно влијание во правосудните органи. СДС и ДУИ во нивните партиски штабови бираа и поставуваа судии и јавни обвинители“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Споменувајќи го последниот случај со ставањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и на судијата Енвер Беџети на „црната листа“ на САД, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека стратешкиот партнер обезбедил докази дека Груби земал мито за да влијае врз судска одлука.
Од партијата потсетуваат дека претходно судиите Наќе Ѓоргиев и Иџет Мемети, исто така, признаа дека земале поткуп за да влијаат врз судски предмети.
„Во судството избрано во штабовите на криминалната коалиција на СДС и ДУИ, нема правна разрешница за случаите како ‘Дурмо Турс’, модуларната болница во Тетово, како и за Онкологија. Седумгодишниот период на владеење на СДС, заедно со нивниот коалиционен партнер ДУИ го урнисаа правосудниот систем, така што довербата на граѓаните ја доведоа до два отсто“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) реагираа околу изборот на Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип за нов член на Судскиот совет од редот на судиите. За СДСМ ова значи дека власта наместо реформи спроведува брутална партизација и окупација на судството и оти се враќа „сваровски судството“ кое ќе биде продолжена рака на Мицкоски и неговата партија.