Блокадата на процесот на европската интеграција, како и нападот врз Охридскиот мировен договор кој предизвика тензии во меѓуетничките односи, алудирајќи притоа на случувањата во врска со Законот за употреба на јазиците, според партијата, создале непредвидлива и опасна ситуација за внатрешната стабилност на земјата
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) денеска преку писмено соопштение излезе со барање за одржување нови, предвремени парламентарни избори, кои, како што велат од партијата на Али Ахмети, се единствениот излез за спас на европската иднина на земјата.

Причините за ваквото барање оттаму ги насочија во актуелната влада, која, велат од партијата, за краток временски период го достигнала највисокото ниво на скандали, неспособност, криминал и корупција.
Блокадата на процесот на европската интеграција, како и нападот врз Охридскиот мировен договор кој предизвика тензии во меѓуетничките односи, алудирајќи притоа на случувањата во врска со Законот за употреба на јазиците, според партијата, создале непредвидлива и опасна ситуација за внатрешната стабилност на земјата.
„Во овие околности, Северна Македонија се најде во центарот на вниманието на меѓународните организации, претворајќи се во еден од главните приоритети на Европската заедница за управување со кризи. Оваа состојба јасно го потврдува неуспехот на оваа влада да ги адресира клучните предизвици со кои се соочува земјата и итната потреба од промена на политичкиот курс“,
се вели во соопштението.
Затоа, сметаат од ДУИ, единствен излез за спас на европската иднина на земјата е Владата да отвори пат за враќање на мандатот кај граѓаните преку нови, предвремени избори.
Граѓаните, додаваат од партијата на Али Ахмети, заслужуваат одговорна, способна и посветена Влада која ќе работи во нивен интерес и ќе ја води земјата напред на патот на развојот и европската интеграција.
„ДУИ останува посветена на својата заложба за заштита на интересите на граѓаните и обезбедување на подобра иднина за сите. Ги повикуваме сите прогресивни сили и граѓаните на земјата да се обединат во оваа борба за враќање на надежта и перспективата во нашата земја“,
велат од Демократската унија за интеграција.
Партијата која по парламентарните избори во мај годинава се најде во опозиција, по околу две децении на власт, и актуелната владејачка гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ постојано си разменуваат критики токму околу темите поврзани со криминалот и корупцијата и начинот на водењето на државата.
Последно страстите во оваа насока се подгреаја поради седницата на Уставниот суд на која требаше да се расправа за иницијативите за оценување на законитоста и уставноста на Законот за употреба на јазиците. ДУИ со своите членови и поддржувачи со поставување шатори и деноноќно организираше „стража“ пред Уставниот суд, која беше повлечена откако Уставен одлучи за предметот да одржи подготвителна седница, која како што изјави претседателот на Судот, би се одржала во март, а одлуката по иницијативите би била донесена во мај следната година.
Освен критика за изјавата на Костадиновски, од ДУИ ја осудија одлуката на Уставниот суд за продолжување на процесот за проценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците со најавата за одржување подготвителна седница.
Два дена претходно, односно во понеделникот, американскиот Стејт департмент соопшти дека на непопуларната „црна листа“ на САД се ставени поранешниот вицепремиер и функционер на ДУИ, Артан Груби и судијата во Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, поради вмешаност во значителна корупција, односно поради примање поткуп во врска со случаите на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
Што се однесува до предвремените избори, нив прв ги спомена премиерот Христијан Мицкоски на крајот на октомври, кога одговарајќи на пратенички прашања во Собранието повика на парламентарни избори заедно со локалните догодина.
Опозициските СДСМ и ДУИ го прифатија предизвикот, но Мицкоски неколку дена подоцна изјави дека предвремени избори се можни доколку на локалните неговата партијата ВМРО-ДПМНЕ добие „црвен картон“.