Прашан за тоа до каде е измената на Законот за локална самоуправа, Ѓорѓиевски рече дека работна група од ЗЕЛС интензивно работи на оваа проблематика околу можноста за отповикување градоначалник, а во наредниот период треба да се работи заедно со Министерството за локална самоуправа, но и да се вклучи во целиот процес и експертската јавност
Дали Владата ќе му ги одземе ингеренциите на Град Скопје за јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и актуелен градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вели дека сè уште нема прецизна информација.
Сепак, тој вели дека ова прашање ќе го отворат на состанок што како Управен одбор на ЗЕЛС ќе го имаат со Владата, а што треба да се одржи до крајот на годината.
Според Ѓорѓиевски, проблемот со ЈСП „Скопје“ не е единствениот со кој се соочуваат скопјани.
„Знам дека претседателот на Владата го изјави тоа. Знам дека размислуваат сериозно на таа тема затоа што ги засега сите скопјани и тоа не е единственото прашање кое во моментов предизвикува голгота за скопјани. Имаме проблем со комуналната хигиена, со нефункционалноста на ’Паркови и зеленило’, и за жал за првпат во историја со нефункционалноста на ‘Водовод и канализација’. Такво нешто досега не се случило во изминатите 30 години во државата“,
посочи Ѓорѓиевски одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Генералното собрание на ЗЕЛС.
На денешното Генерално собрание на ЗЕЛС, како што рече Ѓорѓиевски, ќе се разгледува и прашањето околу проблемите со донесувањето на буџетот на Град Скопје за 2025 година и можноста тоа да предизвика блокада и на останатите општини во градот.
„Арсовска, во принцип, од моментот кога е променета од позицијата претседател на ЗЕЛС, многу ретко, да не речам и никогаш, не учествува во работата и функционирањето на ЗЕЛС и тоа е нејзина одлука. Но, денеска е присутен претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, и секако дека ќе разговараме за тоа. Ќе барам од Славески да елаборира за состојбите и откако ќе ги добиеме сите релевантни информации соодветно ќе бидете информирани“,
рече Ѓорѓиевски.
Прашан за тоа до каде е измената на Законот за локална самоуправа, Ѓорѓиевски рече дека работна група од ЗЕЛС интензивно работи на оваа проблематика околу можноста за отповикување градоначалник, а во наредниот период треба да се работи заедно со Министерството за локална самоуправа, но и да се вклучи во целиот процес и експертската јавност.
Според него, не е доволно да се најде решение што ќе биде за краток рок, туку потребна е темелна реформа, за никој во иднина да не се соочуваа со проблем со каков што граѓаните на Скопје сега се соочуваат.
Како што посочи Ѓорѓиевски состојбата е најалармантна во Скопје, а тоа била причината што поттикнала дискусија во ЗЕЛС, од која произлегол и предлогот за законски измени.
„Ова не е лично мој предлог, туку е предлог на ЗЕЛС. Ние сме апсолутно свесни дека со тоа моќта на градоначалниците повторно се враќа во рацете на граѓаните и така треба да функционира овој систем, затоа што ние сега како градоначалници во многу општини се соочуваме со состојба каде што решаваме, во 21 век, подземна инфраструктура. Тоа се проблеми кои требало многу одамна некој други пред нас да ги решат, дали е тоа за Кисела Вода, Валандово, дали е за Берово, за Пехчево, Скопје – за каде и да е, тоа се проблеми кои што некој не ги решил во минатото. Зошто не ги решил? Затоа што сите градоначалници, вклучувајќи не и нас, сега знаеме дека граѓаните се најголемиот суверен, но ја даваат поддршката и не може некој да ве отповика од истото доколку не функционира општината и не работите во интерес на граѓаните. На овој начин, градоначалникот кога ќе влезе во просториите на општината, ќе знае дека како што ја добил поддршката од граѓаните, ќе може истите тие и многу порано од истекот на мандатот, да му го одземат мандатот. И тоа е единствен правилен начин да имаме функционални локални самоуправи и градоначалници кои исклучиво ќе бидат водени од интересот на граѓаните“,
рече Ѓорѓиевски.
Во однос на воведувањето на комунална полиција, Ѓорѓиевски посочи дека веќе е изготвен предлог-закон. Тој вели дека веќе имале средба со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и оти во текот на утрешниот ден повторно ќе се разговара на оваа тема.
ЗЕЛС, додаде Ѓорѓиевски, веќе иницирал и промена на глобите кои сега се минимални од 50 до 200 евра и предлагаат, особено за оние кои создаваат диви депонии, казната да се движи од 4 до 6 илјади евра, и да постои можност службите од општината на сторителите да им ги запленуваат возилата.
Инаку, денеска се одржува седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, на кое, како што посочи претседателот, се разговара за проблемите со кои се соочиле градоначалниците годинава, но и за плановите и предизвиците за наредната година.