Руското Министерство за одбрана соопшти дека две ракети истрелани од Украина биле соборени од системот за противракетна одбрана „Панцир“, а останатите се уништени со техника на електронско војување
Русија денеска соопшти дека Украина таргетирала воен аеродром во близина на Азовското Море со шест балистички ракети АТАКМС од американско производство, што би можело да ја поттикне Москва да лансира уште една експериментална хиперсонична ракета со среден дострел кон Украина, пренесува Ројтерс.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека две ракети истрелани од Украина биле соборени од системот за противракетна одбрана „Панцир“, а останатите се уништени со техника на електронско војување.
„Утрото на 11 декември 2024 година режимот во Киев изврши ракетен напад со западно прецизно оружје врз воениот аеродром ‘Таганрог’ во Ростовската област. Овој напад од западно оружје со долг дострел нема да остане без одговор и ќе бидат преземени соодветни мерки“,
соопшти Министерството за одбрана.
На 21 ноември Русија истрела нова хиперсонична балистичка ракета со среден дострел, позната како „Орешник“ кон Украина, како што рече рускиот претседател Владимир Путин, како директен одговор на украинските сили кои ја нападнаа Русија со американски и британски ракети.
Американски официјален претставник денеска изјави дека Русија би можела да лансира уште една хиперсонична балистичка ракета кон цел во Украина во наредните денови, но Вашингтон не го смета оружјето „Орешник“ за пресвртница во војната.
Војната влегува во она што некои руски и западни официјални лица велат дека би можело да биде нејзината последна и најопасна фаза бидејќи силите на Москва напредуваат со најбрзо темпо од првите недели на војната.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој ја презема функцијата следниот месец, се залага за прекин на огнот и разговори за брзо завршување на војната, доведувајќи ја во прашање долгорочната поддршка на Вашингтон за Украина.
Руската инвазија на Украина во 2022 година остави десетици илјади мртви, милиони раселени и ја предизвика најголемата криза во односите меѓу Москва и Западот од Кубанската ракетна криза во 1962 година.