Неколкупати прашан зошто Уставниот суд токму сега одлучил да постапува по иницијативите со кои се оспоруваат одредби од овој закон, Костадиновски вели дека Судот е должен да постапува по секој предмет за кој е доставена иницијатива. Иницијативите за овој закон, како што рече, се најстарите во Уставниот суд и кога-тогаш би дошле на ред за расправа. Дали пред пет години, сега или, пак, за пет години отсега, како што вели, сензитивноста ќе биде иста
Подготвителната седница на Уставниот суд за иницијативите поврзани со Законот за употреба на јазиците, според претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, би требало да се одржи на почетокот на март следната година. Ова, како што рече тој, е дел од постапката во која ќе бидат вклучени најеминентните стручњаци по уставно право и меѓународни стандарди, со цел, како што рече, да се судрат аргументите пред граѓаните, но не и пред политичарите, оти пред нив, според него, што и да се направи не би сакале да ги согледаат аргументите.
Костадиновски информира дека на барање на судијата известител е побаран совет од Венецијанската комисија.
„Во оној момент кога ќе го добијам пријателскиот совет од Венецијанската комисија, веднаш ќе биде свикана подготвителната седница. Побарав од судијата известител најдоцна до 23 овој месец да ги подготви спорните правни прашања за подготвителната, да подготви предлог-листа на учесници и во оној момент кога ќе го добиеме мислењето, моја проценка дека ќе биде почетокот на март, ќе биде одржана подготвителната седница“,
изјави на денешната прес-конференција претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
По завршувањето на подготвителната седница, најдоцна до мај, Судот ќе одлучува по предметот.
Неколкупати прашан зошто Уставниот суд токму сега одлучил да постапува по иницијативите со кои се оспоруваат одредби од овој закон, Костадиновски вели дека Судот е должен да постапува по секој предмет за кој е доставена иницијатива. Иницијативите за овој закон, како што рече, се најстарите во Уставниот суд и кога-тогаш би дошле на ред за расправа. Дали пред пет години, сега или, пак, за пет години отсега, како што вели, сензитивноста ќе биде иста.
Посочи дека првото нешто што го направил во моментот кога станал претседател на Уставниот суд побарал најстарите предмети да бидат ставани на дневен ред. Прашан зошто иницијативите поврзани со овој закон не биле ставени порано на дневен ред, Костадиновски укажа на фактот што две години Уставниот суд работел со минимум кворум од пет судии, а надлежноста за изборот на судиите, како што рече, ја има Собранието.
„Две години работевме на раб на кворум. Замислете еден судија да не дојде или нешто да се случи – ќе немаме Уставен суд. А, ако немаме Уставен суд, импликациите се мултиплицираат. Но, за останатите три години нема оправдување зошто не е одлучувано. Сензитивноста за одредени предмети не поминува со минувањето на времето. Овој предмет беше сензитивен кога ги добивме и првите иницијативи пред пет години, денеска е сензитивен, ќе биде сензитивен и во 2030 година. Од негде мора да се почне. Овој суд ќе ја донесе одлуката за тој предмет, никој да нема дилема“,
додаде претседателот на Уставниот суд.
За притисоците и уцените кон Уставниот суд
Освен за тоа како ќе тече натамошната постапка поврзана со Законот за употреба на јазиците, Костадиновски на денешната прес-конференција укажа дека Уставниот суд подолг период се соочува со, како што вели, непримерно политичко влијание и насилство, притисоци и уцени. Рече дека нема да дозволи притисоци врз Судот од кого било.
„Секој што мисли дека владеењето на правото и правната држава ќе ја попречи со политичко влијание и со манипулации – воопшто да не се труди, такво нешто нема да се случи. Не е моја работа да ги коментирам ставовите на политичарите. Воопшто не сакам да комуницирам да, да полемизирам со политичарите, но самите сте свесни дека сме принудени на некој начин не ним, туку на граѓаните да им се обратиме и да ги увериме во нашата независност и непристрастност“,
изјави Костадиновски.
Повика денешната одлука на Судот да не биде разбрана како слабост или подлегнување под нечиј притисок.
„Лага и манипулација со чувствата на граѓаните е дека Уставниот суд извршува политички програми, дека сме биле параполитичка организација, дека некој што нè избрал во некој состав имал право и можност да влијае врз нас, дека сме посакувале дестабилизација. Тоа се тешки лаги, апсурд и класична манипулација“,
рече Костадиновски.
Како невистини ги отфрли и обвинувањата оти Уставниот суд го поткопува Охридскиот договор.
„Охридскиот рамковен договор е дел од Уставот. Тој е Устав, а наша императивна надлежност е да го чуваме Уставот. Чувајќи го него, ние го чуваме Охридскиот договор. Не е точно ниту дека се доведува во прашање правото на користење на албанскиот јазик. Тоа е уставна категорија. Ние не цениме уставност на Уставот. Ниту кај овој закон ниту кај ‘балансерот’ воопшто не задираме во тоа право, туку како тоа се операционализира“,
додаде тој.
„Мислењето на Мицкоски е ирелевантно“
Прашан дали може да гарантира дека некој од членовите на Судот комуницира, го информира или зема насоки од премиерот Христијан Мицкоски, со оглед на коинциденцијата со неговата изјава од неделата со денешната одлука на Уставниот суд, кога премиерот рече: „Нема да се случи ништо“, Костадиновски вели дека изјавата на премиерот е ирелевантна.
„Јас можам да гарантирам за мене, но што изјавил премиерот Мицкоски е тотално ирелевентно. Ние денеска донесовме одлука, постапуваме по предметот. Подготвителната седница е дел од фазите во нашето постапување. Ние секако немаше да имаме одлука денеска бидејќи имаме сложен систем на одлучување. Првата фаза е изразување сомнеж, втората фаза се носи одлука, тоа е секогаш после два-три или четири месеци. Значи, ирелевантно е што премиерот или кој било друг кажал. За нас нема значење“,
вели Костадиновски.
Тој ги отфрли обвинувањата за политичко влијание и етничко надгласување и истакна дека Уставниот суд е чувар на Уставот и правдата.