Според премиерот целта на ДУИ, која од викендов организира т.н. „стража на јазикот“ пред заградата на Уставниот суд, е да на нивното политичко конто ги преземе заслугите кога утре нема ништо да се случи на седницата на која ќе се расправа за Законот за употреба на јазиците
Значи, веродостојни се документите (деловите од рефератот што ги објави „360 степени“), беше дополнителното прашање упатено до премиерот, на што тој кратко одговори: „Да“.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска прашан за коментар на документот, односно деловите од рефератот на судијата известител во врска со Законот за употреба на јазиците што ги објави „360 степени“, изјави дека на Демократската унија за интеграција (ДУИ) ѝ е јасно како функционира Уставниот суд, но оти намерно се однесуваат како политички глодачи.

Во однос на веродостојноста на документот, прашање што поттикна многу интерес во јавноста, Мицкоски одговарајќи на дополнително прашање на денешната прес-конференција рече дека е автентичен.
За утрешната седница на Уставниот суд, тој го повтори ставот кажан пред неколку дена, дека нема ништо да се случи и дека целата ситуација е под контрола.
„На овие од Демократската унија за интеграција многу им е јасно како функционира Уставниот суд, бидејќи тие ги избираа судиите таму. Во детали ги избираа судиите, и буквално таму не можеше никој да биде уставен судија или било каков судија, а да не помине филтер низ овие структури во рамките на Демократската унија за интеграција. Тие точно знаат дека за да дојдеме до конечно решение, какво и да е не е важно, најпрвин имаме тој којшто е за овој случај надлежен случај да го репортира да им објасни на своите колеги, па јавна дискусија, па јавна расправа, па подготвителна седница, така што тоа е процес кој ќе трае со месеци, а можеби и со години“,
рече денеска премиерот, одговарајќи на новинарското прашање.
Според Мицкоски целта на ДУИ, која од викендов организира т.н. „стража на јазикот“ пред заградата на Уставниот суд, е да на нивното политичко конто ги преземат заслугите кога утре нема ништо да се случи на седницата, на која ќе се расправа за Законот за употреба на јазиците.
„Нормално тоа може само политички глодачи да го прават, да излезат и да кажат еве поради тоа што ние правевме притисок се одложи сето ова. Не функционираат така работите, а на нив им е јасно како функционираат работите. Затоа ги молам уште еднаш нашите сограѓани Албанци, Македонци, сите, да бидат смирени, целата работа е под контрола, се е под контрола, да не дозволиме да наседнуваме на провокациите на овие луѓе. Тие луѓе завршија на 8 мај, беа поразени, имаме нова влада која знае точно што прави и кои чекори ги презема. Тоа сакам да го испратам како порака“,
рече Мицкоски.
„Значи веродостојни се документите (деловите од рефератот што ги објави „360 степени“), беше дополнителното прашање упатено до премиерот, на што тој кратко одговори: „Да“.
За потсетување, вчера објавивме делови од рефератот на судијата известител, кој ќе се најде пред уставните судии утре, а во кој „360 степени“ имаше увид. Во него не само што не се предлага поведување потапка за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците во целина, туку се аргументира дека тој е втемелен во Уставот.
Тоа за што се предлага поведување постапка за оценување на уставноста се општи формулации во неколку члена од законот, како и две конкретни одредби – за симболите на парите и за водењето на судските постапки. Членовите или деловите од членовите за кои се предлага поведување постапка за оценување на уставноста се и дел од забелешките на Венецијанската комисија во нејзиното мислење за законот од 2019 година.
Насловот на соопштението оттаму гласеше – „Венецијанската комисија ја повикува Северна Македонија да го преиспита новиот Закон за јазиците и да ги укине одредбите за двојазичност во судските постапки“.
Аргументацијата на групата експерти на ова тело беше истата која сега ја користи и Уставниот суд – добредојдено е почитувањето на јазичните права, но не и ако се воведуваат неспроведливи одредби.
Од ДУИ, кои сега чуваат „стража“ пред Уставниот суд, пред да се донесе законот тврдеа дека се согласни во него да се вградат забелешките на Венецијанската комисија.