Вистинска мерка којашто ќе донесе реално и долгорочно намалување на цените на производите, според потпретседалот на СДСМ, Методија Илиевски, е нивното решение за укинување на ДДВ на храната затоа што со него, како што посочи, вистински ќе се намалат цените на 250 производи, и тоа на долг рок
Најавената мерка на Владата за воведување на т.н. новогодишна кошничка е задоцнета и промашена, a ефектот од нејзината примена нема да го почувствуваат граѓаните, велат од опозицискиот СДСМ, откако денеска во Владата беше промовирана мерката која ќе трае еден месец и која, според најавеното, треба да донесе намалување на цените на над 600 производи за 10 и повеќе проценти.
Ставот на опозициската партија на прес-конференција попладнево го соопшти потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, кој во три точки ги наведе причините зошто сметаат дека ваквата мерка нема да ги донесе очекуваните ефекти за граѓаните.
„Прво, затоа што дел од цените на производите коишто денеска се објавија, во изминатите денови трговците веќе ги поскапеа. Таков е конкретно случајот со голем број млечни производи кои поскапеа во изминатите денови за десетина денари по килограм. Сега и доколку се намали цената, ефектот кај граѓаните е нула, затоа што реално не добиваат поевтин производ и нема да им се намалат месечните трошоци.
Второ, затоа што оваа мерка е времена. На граѓаните им е потребна помош и поддршка постојано, а не само во одреден период.
Трето, нема механизам дека намалените цени ќе бидат реално спроведени, ниту, пак, механизам за казнување доколку трговците не ги почитуваат. Владата сама вели дека ќе мониторира и ништо друго“,
рече Илиевски.
Според СДСМ, станува збор за популистички мерки, кои повеќе им одат во корист на трговците отколку на граѓаните.
Дополнителна причина што ваквата мерка нема да вроди со плод е и вредноста на потрошувачката кошничка која во ноември е зголемена за 772 денари во споредба со претходниот месец.
„Вкупната вредност на синдикалната кошничка во месец ноември се зголеми и достигна огромни 62 021 денари. Има ново зголемување за 772 денари во однос на минатиот месец. Семејствата сè потешко ги покриваат основните трошоци и се принудени да се откажуваат од потреби кои до вчера беа основни“,
кажа Илиевски на прес-конференцијата, додавајќи дека ова е резултат на „неспособноста и незаинтересираноста на владата на Мицкоски, која ги игнорира проблемите со кои граѓаните секојдневно се соочуваат“.
Вистинска мерка што ќе донесе реално и долгорочно намалување на цените на производите, кажа Илиевски, е решението на СДСМ за укинување на ДДВ на храната, затоа што со него, како што посочи, вистински ќе се намалат цените на 250 производи. Истовремено станува збор за мерка што им одговара и на граѓаните и на трговците, кои ќе ја почитуваат, и затоа што со неа намалувањето на цените на производите ќе биде на долг рок.
Најавената новогодишна кошничка ќе стартува на 15 декември и ќе трае до 15 јануари следната година, и со неа, како што информираа денеска Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, се опфатени над 675 производи чии цени во овој едномесечен период треба да бидат намалени за 10 и повеќе проценти.
Промовирајќи ја кошничката на денешната прес-конференција, која ја нарече „специјален настан“, премиерот Мицкоски кажа дека листата на производи чии цени треба да бидат намалени е скроена, односно понудена во договор со стопанските комори, производителите, трговците и дистрибутерите.
Бидејќи станува збор за, како што кажа, консензуално решение, а не интервентна мерка на Владата, премиерот рече дека нема да има казнување, туку само мониторинг за тоа дали сите производи ќе бидат означени со соодветните налепници за да можат да бидат препознатливи за граѓаните.
На забелешка на новинарите дека во листата на производи во новогодишната кошничка има производи чии цени во изминатиов период се зголемени и дали поради ова ќе има механизми со кои тоа ќе се контролира или евентуални казни за производителите и трговците, министерот за економија и труд Дурмиши рече дека ова не е владина одлука, туку дека цените се понудени од трговците, а доколку има зголемување, тоа ќе го утврди Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Надоврзувајќи се на него, премиерот Мицкоски рече дека станува збор за добра забелешка и обраќајќи му се на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, му предложи уште сега да излезе и да ги види цените во маркетите.