На 10 декември Владата на седница ќе го разгледува Правилникот според кој, државните возила треба да бидат препознатливи за јавноста по нивната црвено-жолта регистрација. Проценките се дека овие возила ќе бидат забележливи низ улиците за најмногу четири месеци. А ќе има и сервис за граѓаните да можат да пријават злоупотреба на овие возила
Паралелно, се работи и на регистарот на службени возила кој ќе го води Службата за општи и заеднички работи. Во пакет со потенцијални измени на етичкиот кодекс на Владата, целта е да спречат злоупотребите при користењето на службените возила
Минатата година, Владата усвои Стратегија за транспарентност 2023-2026 година, со поддршка на граѓанскиот сектор. Еден од главните заклучоци беше дека злоупотреба на државните ресурси е недозволиво.
На хартија едно, а на терен – камерата на 360° регистрираше тогашни владини функционери, но и градоначалници, како ги користат службените возила за лични и партиски цели.
Во неколку наврати, тогашната министерка за добро владеење, Славица Грковска, изрече опомени согласно етичкиот кодекс на Владата. Но, ништо не се смени. А голем дел од институциите ја игнорираа обврската да ги пријават сите службени возила пред Државната комисија за спречување на корупцијата. Тогашните Антикорупционери предложија нов механизам.
„Дадовме препорака регистрациите на службените возила да бидат обележани во една боја. На пример еве нека биде црвена“,
рече екс-претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска при гостување во телевизиска емисија.
Идејата, тогаш не помина. Но, ја презеде новата Влада. До каде е?
Кога на официјалниот веб-сајт на Владата ќе напишете „транспарентност“ излегуваат неколку документи на кои потпишан е премиерот Христијан Мицкоски. Меѓу другото во владината програма 2024-2028 пишува:
„Во соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија, а користејќи ги најдобрите европски практитки, ќе се изготви анализа на ризик факторите за злоупотреби и корупција во државните институции. Врз основа на таа анализа ќе се изработи план за објавување на информации од институциите како адекватна превентива од корупција и злоупотреби “.
А директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, вели, ќе ги повикаат на одговорност оние функционери кои не работат транспарентно.
„Ќе ги повикаме на одговорност, бидејќи ние одговараме само пред народот и ако сме посегнале да менуваме закони и да поставуваме некаков ред, треба сите од нас поединечно да ги почитуваме тие закони“,
вели тој.
Томовски е, формално, предлагач на иницијативата доставена до Владата, според која сите таблички на возилата во државна и општинска сопственост треба да бидат во различна боја од цивилните. По тој предлог, Владата на 17 септември годинава донесе заклучок да се формира работна група со претставници од СОЗР, Кабинетот на премиерот, Кабинетот на заменик-премиерот задолжен за добро владеење, МВР, Финансии, Енергетика и генералниот секретар на Владата која ќе работи на потребните законски измени.
„Отпочнавме со работни состаноци, неколку се одржани. Практично, со овие измени треба да се направат две законски измени. Тоа е законот за возила и законот за ствари во државна и општинска сопственост… Утврдивме дека изработката на софтверското решение е малку покомплицирано и ќе потрае подолг период. Поради тие причини ги одвоивме двата процеси. Односно, почнавме со правилник да воведеме специјални таблици, односно таблици во боја кој веќе е готов“,
образложува директорот на СОЗР.
Правилникот за кој зборува Томовски ќе се најде на владина седница на 10 декември. Доколку биде прифатен, следната фаза е потпис од министерот Панче Тошковски. Потоа, проценките на СОЗР говорат дека ќе бидат потребни најмногу четири месеци за да се нарачаат и изработат новите таблички.
Буквите и бројките на табличките ќе бидат жолти, испишани на црвена позадина.
„Во координација со сите членови од работната група утврдивме да идеме со позадина во црвена боја и букви и бројки со жолта боја. Зошто одлучивме таа боја? Затоа што таа е помаркантна и нема да може да се одбегнува од јавноста. Така да сметам дека и бојата е соодветна“,
изјави Томовски, признавајќи дека очигледно е оти табличките ќе бидат со боја слична на државното знаме.
А целата поента е и јавноста да биде надзор – каде, кога и за што се возат службени возила.
„Сакаме да отвориме телефонски линии и мејл каде граѓаните ќе можат практично да пријавуваат злоупотреба на тие возила и да се даде некаква насока на сите институции каде што ќе се затекне злоупотреба на возилата, да постапат соодветно. Дали тоа ќе биде дисциплинска постапка или ред други работи кои произлегуваат од прекршување односно злоупотреба и на тој начин со законски измени да може да се утврди и некаква казна за злоупотребата“,
потенцира директорот на СОЗР.
Додека правилникот за воведување на таблички во различна боја е речиси завршена работа, ќе биде потребно повеќе време за втората компонента за контрола над државните возила – Регистарот на возилата. Тој во моментов е во базата на податоци на МВР, во која се запишани и службените и возилата на физичките лица.
Со новиот софтвер, базата за службени возила ќе се префрли во рацете на СОЗР.
Обид да направи регистар имаше и Државната комисија за спечување на корупцијата. Во 2019 година, се воведе обврска сите јавни институции да ги пријават возилата со кои располагаат.
Министерство за надворешни работи, Министерство за животна средина, Агенцијата за национална безбедност се само дел од позвучните институции кои немаат пријавено возила во регистарот на Антикорупциска.
Бидејќи тој регистар не ги исполни целосно очекувањата, го прашавме Томовски – дали ќе се воведат казни за тие што нема да го почитуваат новиот Регистар?
„Тоа е добра идеја реално. Со измените на тие два закони можеби тоа треба да се размислува сериозно и да се вметне како член, знаат правниците како да се изреагулира“,
забележува Томовски.
Вицепремиерот задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, е свесен за делумниот успех на регистарот на ДКСК. Токму затоа, вели, тој се преместува во рацете на Службата за општи и заеднички работи, за да се избегне можноста од злоупотреби.
„Ние кога почнавме како нова влада, немаше таков регистар и знаеме дека имало злоупотреби, вклучително и ова непријавување на службени возила. Идејата со овој регистар е дека треба да се евидентираат. Ова го почневме во првите 2-3 месеци од нашето владење, токму од причините што ги наведовте и со самиот факт дека овој регистар ќе постои, ќе биде невозможно да не се пријават истите, односно се оневозможува непријавувањето затоа што ќе се евидентираатсо посебни таблички и нема начин всушност да избегаат од декларацијата на службените возила“,
вели Фетаи.
Владиниот етички кодекс не предвидува казни. Санкциите се во форма на опомени, за кои е задолжен премиерот. Тој може јавно да го критикува функционерот, да го повика на политичка одговорност, односно оставка и во крајна инстанца да го пријави во надлежна институција.
Заменик-претседателот на Владата, Фетаи, потенцира дека разгледуваат можност за проширување на казните.
„Етичкиот кодекс на Владата го води министерот за правда Филков и во оваа насока сме во дискусија со меѓународните партнери УСАИД за да се види можноста за интервенции во етичкиот кодекс на Владата и можеби да се зголемат механизмите за санкционирање во случај на прекршоци направени од државни функционери“,
дополнува тој.
Регистарските таблички со различна боја беа едно од првите поголеми ветувања на планот на транспарентноста, отчетноста и рационалност на трошење на државните ресурси на новата Влада.
Паралелно, вицепремиерот за добро владеење, Фетаи работи на уште еден проект. Прави владин регистар за целиот имот со кој располага државата, од изградени објекти до земјишта.