Јавниот обвинител во ВЈО Скопје, за кого Коцевски бара да биде поведена дисциплинска постапка, според извештајот од надзорот, несовесно и нестручно постапувал во четири предмети, во кои се откажал од жалба или обвинение, додека пак дисциплинската против Хајрулахи, кој е суспендиран бидејќи против него се води и кривична истрага поради малтретирање во службата, е поради тоа што со негова согласност била донесена одлука за три од предметите
Против суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, како и против уште еден јавен обвинител од ова обвинителство, да се поведе дисциплинска постапка поради нестручно и несовесно работење.
Ваков предлог до Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на јавните обвинители доставил државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски по разгледувањето конечниот извештај од надзорот во Вишото јавно обвинителство, кој пред извесно време го нареди тој, соопштија попладнево од Јавното обвинителство на РСМ.

Јавниот обвинител во ВЈО Скопје, за кого Коцевски бара да биде поведена дисциплинска постапка, според извештајот од надзорот, несовесно и нестручно постапувал во четири предмети, во кои се откажал од жалба или обвинение.
Предлогот за поведување дисциплинска постапка против Хајрулахи, кој е суспендиран бидејќи против него се води и кривична истрага поради малтретирање во службата, е поради тоа што со негова согласност била донесена одлука за три од предметите.
„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ги разгледа записникот и конечниот извештај од извршениот надзор во Вишото јавно обвинителство Скопје, како и службените белешки во прилог, и врз основа на наодите за констатираните состојби одлучи до Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на јавните обвинители да достави предлог за поведување дисциплинска постапка против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје заради нестручно и несовесно работење во четири предмети во кои се откажал од жалба или обвинение. Предлог за поведување дисциплинска постапка е поднесен и против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети, како и поради констатираните неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје“,
се наведува во соопштението од републичкото Јавно обвинителство.
Иницирањето на дисциплинската постапка, велат од Обвинителството, е уште една потврда за посветеноста на јавниот обвинител на Република Северна Македонија да овозможи ефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела и да побара одговорност од јавните обвинители кои неоправдано ги одолговлекувале постапките или неоправдано се откажувале од кривично гонење.
Дека Вишото јавно обвинителство е предмет на надзор, Коцевски информира во писмена изјава од 21 октомври, а причината, како што наведе тогаш, биле информациите и пресудите од Врховниот суд што дошле до него, а кои укажувале на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во Обвинителството.
Изјавата на Коцевски дојде откако неколку дена претходно сега осомничениот и суспендиран шеф на Вишото јавно обвинителство Хајрулахи обвини дека државниот обвинител му вршел притисок во врска со предмет поврзан со бонусите на поранешните обвинители на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Имено, во јули беше објавено дека шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, донел решение со кое ја отфрлил кривичната пријава на ВМРО-ДПМНЕ против ексобвинителите на СЈО, на кои тогашната шефица Катица Јанева им поделила по илјадници евра бонуси за доверливост надвор од платата, со што, според пријавата на партијата, бил оштетен Буџетот за над 4,5 милиони евра. На ваквата одлука ВМРО-ДПМНЕ поднела жалба.
Ваквите тврдења на Хајрулахи, државниот јавен обвинител ги оцени како хајка против него која почнала по надзорот на работењето на ВЈО Скопје.
Коцевски на прес-конференција на новинарските здруженија на 1 ноември, на која тема беше заштитата на новинарите рече дека во септември се слушнал со Хајрулахи за да му каже дека состојбата во Обвинителството што го предводи не е добра, затоа што има нарушени меѓучовечки односи откако претходно дел од вработени до него испратиле претставки со жалби.
Десет дена подоцна, односно на 11 ноември, државното Јавното обвинителство соопшти дека против Хајрулахи е отворена истрага по кривична пријава што вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје ја поднеле против јавниот обвинител за малтретирање во вршење на службата.
„Кривичната пријава против јавниот обвинител за малтретирање во вршење на службата беше поднесена до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија од страна на група вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје, по што таа беше проследена на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Штип“,
беше наведено во соопштението на Јавното обвинителство на РСМ од 11 ноември.
Освен за малтретирање во службата, беше соопштено, и дека штипското обвинителство добило податоци и сознанија кои дополнително упатуваат на сомнение дека Хајрулахи извршил и дејствија со кои ја злоупотребил службената положба и овластување.

Еден ден подоцна Хајлурахи на прес-конференција обвини дека врз него се врши притисок од републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски со цел да се влијае на актуелни предмети. Тенденцијата, како што кажа, е тој да биде отстранет и да се замолчи, како и да се заплашат другите колеги.
Според Хајрулахи, надзорот над работата на Вишото јавно обвинителство почнал откако тој на 19 септември бил повикан од Републичкиот јавен обвинител, кај него во канцеларија и му било кажано дека по однос на предметот со бонусите на СЈО треба да донесе одлука со која што ќе се потврди првостепеното решение од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.