Намалувањето на мрежарината, како што рече, е поради тоа што одредени компании имале поголем остварен профит од тоа што е одобрено од РКЕ и тоа овозможило да се доведат во ваква поволна ситуација
„Имајќи предвид дека нашите домаќинства веќе имаат стекнати навики во однос на евтината тарифа, се одлучивме до пролет да ја оставиме ситуацијата таква каква што е, па потоа врз основа на ситуацијата во ЕСМ ќе носиме понатамошни одлуки. Во однос на дневна евтина тарифа, Македонија е единствена држава во регионот што ја има“, вели претседателот на РКЕ

Не очекувам дека ќе има поголемо покачување од еден отсто на просечната цена за електрична енергија за домаќинствата, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
Тој денеска на прес-конференција ги изнесе цените за пренос и дистрибуција на електрична енергија, а кои се изгласани на денешната главна седница.
„Оној дел што е најважен и се однесува на домаќинствата и на најголем дел од малите потрошувачи, делот од мрежарината, вклучувајќи го и преносот и диструбуцијата, таму имаме намалување за седум отсто“,
рече Бислимоски.
Во однос на другите просечни цени, Бислимоски рече дека цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија се зголемува за 5,68 отсто, при што влијанието на крајната цена е четири отсто. Цената за дистрибуција на електрична енергија се намалува за 5,52 отсто, а влијанието на крајната цена, рече претседателот на РКЕ, изнесува 33 проценти, додека цената на операторот на пазарот на електрична енергија се зголемува за 19,8 проценти, каде што влијанието е екстремно мало и изнесува 0,19 проценти.
Тој додаде дека понатаму, по носењето на овие одлуки, во текот на следните денови „ЕВН хоум“, како универзален снабдувач, до Регулаторната комисија за енергетика ќе ги достави на контрола цените за домаќинствата и за малите потрошувачи.
Намалувањето на мрежарината, како што рече, е поради тоа што одредени компании имале поголем остварен профит од тоа што е одобрено од РКЕ и тоа овозможило да се доведат во ваква поволна ситуација.
Прашан околу цената што АД ЕСМ ја понуди на тендерот на „ЕВН хоум“ и која е од 62 евра за мегават-часови и колку е тоа одржливо на долг рок со оглед на тоа што за производство е потребно околу 120 евра, Бислимоски рече дека во следниот период ќе бидат испраќаат сигнали до пазарот за компанијата да продава поголеми количини на електрична енергија на слободниот пазар.
„Во наредниот период, иако ние како регулатори не сме одговорни за определување на цената за електрична енергија, ќе преземаме мерки и ќе испраќаме сигнали до пазарот на електрична енергија да му обезбедиме на ЕСМ поголеми количини да ги продава на слободниот пазар каде цените на електрична енергија се далеку повисоки од тие што ги нуди на универзалниот снабдувач, но притоа и ЕСМ ќе треба да работи на своето производство на електрична енергија“,
рече тој.
Прашан во врска со извештаите за дневната евтина тарифа и дали таа ќе биде реалност по Нова година, Бислимоски рече дека имале состанок со ЕСМ и со „ЕВН хоум“ и тогаш покажал оти според нивните анализи цената на електричната енергија на најголемата берза во регионот, како и на нашата берза, се најниски во периодот од 12 до 16 часот, а највисоки од 20 до 24 часот.
„Имајќи предвид дека нашите домаќинства веќе имаат стекнати навики во однос на евтината тарифа, одлучивме до пролет да ја оставиме ситуацијата таква каква што е, па потоа врз основа на ситуацијата во ЕСМ ќе носиме понатамошни одлуки. Во однос на дневна евтина тарифа, Македонија е единствена држава во регионот што ја има“,
додаде Бислимоски.
Тој потврди дека на почетокот на ноември имало покачување на цените на берзите и дека тоа било на пазарот во Унгарија што како домино-ефект се одразило на сите останати берзи во регионот.
„Повторно имавме ситуација на овие берзи подолу од Будимпешта да имаме највисоки цени споредено со останатите берзи на електрична енергија. Во претходните десетина дена ситуацијата е стабилизирана и имаме цени што за време на викендот се движат околу 120 евра за мегават-час, а во текот на работните денови се движат меѓу 140 и 160 евра. На тоа поголемо влијание да има вакви промени имаше зголемената потрошувачка на природен гас во Европа затоа што на почетокот на ноември имаше поголемо заладување, но оттогаш ситуацијата е стабилизрана со цени кои во текот на работната недела се движат меѓу 140 и 160 евра“,
рече тој.
Во врска со цената на електричната енергија што ќе биде од 1 јануари догодина, премиерот Христијан Мицкоски неколкупати досега во изјави за медиумите рече дека не очекува големи промени во цената, а доколку дојде до такво нешто, тогаш зголемувањето би било минимално од еден до три проценти.
Ваквите очекувања, како што посочи тој, ги темели на постепената консолидација на ЕСМ што била направена во изминатите четири-пет месеци, состојбата со количините на јаглен, како и набавката на природниот гас.