Бидејќи за ова кривично дело, како што појаснуваат од Обвинителството, се води скратена постапка, доколку судот го прифати предлогот на јавниот обвинител и на тројцата полнолетни им одреди притвор, тој би бил во траење од осум дена. Против четвртиот осомничен, кој е малолентик, ќе се води редовна постапка, според Законот за правда за децата
По инцидентот со сквернавањето на македонското знаме, што се случи вчеравечер за време на прославата на Денот на албанското знаме, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против четири лица, од кои на три, кои се полнолетни, се бара судот да им одреди мерка притвор.

Тие, како што информираа попладнево во републичкото Јавно обвинителство, се осомничени за кривичното дело предизвикување омраза, раздор и нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа, според член 319 став 1 од Кривичниот законик.
За ова дело, според ставот 1 од наведениот член е предвидена затворска казна од една до пет години.
Бидејќи за ова кривично дело, како што појаснуваат од Обвинителството, се води скратена постапка, доколку судот го прифати предлогот на јавнио обвинител и на тројцата полнолетни им одреди притвор, тој би бил во траење од осум дена.
Против четвртиот осомничен, кој е малолентик, ќе се води редовна постапка, според Законот за правда за децата.
Од Обвинителството излегоа и со краток опис на дејствијата што ги сториле осомничените за време на настанот, кои ја разбравнува јавноста, но и политичките кругови во земјава.
„Осомничените на 28.11.2024 година околу 20:00 до 23:00 часот на булевар ‘Крсте Мисирков’ во Скопје, по завршување на манифестација на плоштадот ‘Скендербег’ по повод прослава на Денот на албанското знаме, со излагање на подбив на национални симболи, односно со палење, уништување и кинење на државното знаме, предизвикале омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност. За полнолетните осомничени надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно денеска информира дека по синоќешните инциденти во Скопје се уапсени осум лица.
Како што рече министерот, четири од уапсените лица се лишени од слобода поради учество во тепачка, а другите за предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост. Уапсените, рече Тошковски, се млади луѓе на возраст од 18, 19,20 и 21 година, а еден од нив е и малолетен.
„Четири лица се уапсени поради тоа што за нив имаме основано сомнение дека сториле кривично дело 319 од Кривичниот законик кое се однесува на предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост и каде што е предвидена минимална казна од една година затвор. За овие четири лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави“,
рече Тошковски.
Тој најави дека денеска и во наредните денови ќе има уште многу што ќе бидат повикани на разговори, а за кои постојат сомневања дека биле вклучени во овие дејствија.

Во однос на синоќешните инциденти денеска со реакции излегоа од владејачките, но и од опозициските партии. Од опозицискиот СДСМ побараа од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски итно да постапи и МВР да ги преземе сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија.
Од владејачката партија реагираат за, како што велат, навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи. Според ВМРО-ДПМНЕ, ваквите постапки имаат политичка заднина, а креаторите преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда.
Од опозициската ДУИ оценија дека сквернавењето на националното знаме било реакција на несоодветна полициска интервенција за време на настанот.
Коментирајќи го настанот, премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека претходно предупредиле дека ќе се случуваат ваков тип обиди за ескалација и креирање етнички тензии.
Според премиерот, вчерашниот инцидент нема да биде единствен и изолиран случај.
„Очекувајте да има и во иднина, бидејќи како правдата пополека, но сигурно се доближува до криминалците, така тие ќе стануваат понервозни и понетрпеливи. Единствениот начин да го одбранат криминално стекнатиот капитал е токму вака – со манипулирање и предизвикување ваков тип инциденти“,
изјави Мицкоски.
Рече дека имале информации оти ова ќе се случи во текот на вчерашниот ден, а за тоа ги информирале и стратегиските партнери и припадниците на меѓународната заедница.
Осудувајќи го инцидентот, претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека дека палење и газење државни знамиња е во спротивност со државните и националните интереси на секоја етничка заедница и повика да се истражи кој стои зад инцидентот, иако рече дека не верува оти тој има политичка заднина.