Д-р Ханс Клуге, директор на Светската здравствена организација за Европа, предупреди дека вториот бран може да се совпадне со појава на други заразни болести како сезонски грип и сипаници
Европските земји мора да се подготват за втор смртоносен бран на коронавирусот затоа што пандемијата не е завршена, предупредува во интервју за „Дејли мејл“, д-р Ханс Клуге, директор на Светската здравствена организација за Европа.
Клуге ги предупреди земјите што почнуваат да ги олеснуваат своите ограничувања дека сега е време да се подготват, а не да слават.
Претставникот на СЗО истакна дека тоа што бројот на случаи на ковид-19 во земји како Велика Британија, Франција и Италија почнува да се намалува, не значи дека пандемијата завршува. Епицентарот на европскиот континент сега е на исток, при што бројот на случаи се зголемува во Русија, Украина, Белорусија и Казахстан, предупреди тој.
„Државите треба мудро да го искористат ова време и да почнат да ги зајакнуваат системите за јавно здравје, како и да градат капацитети во болниците, одделенија за итни случаи и интензивна нега. Сингапур и Јапонија навреме сфатија дека ова не е време за славење, туку за подготовка. Скандинавските земји го прават истото – тие не исклучуваат втор бран, но се надеваат дека тој ќе биде локализиран и тие ќе можат брзо да го надминат“,
изјави тој
Клуге предупреди дека вториот бран може да се совпадне со појава на други заразни болести, како сезонски грип и сипаници.
„Јас сум многу загрижен за можноста за двоен бран – наесен може да имаме втор бран на ковид-19 и друг сезонски грип или сипаници. Пред две години имавме 500 000 деца кои не примиле прва вакцина против сипаници“,
додаде Клуге.
Тој е скептичен кон мерките кои на почетокот на овој месец ги презедоа Шпанија, Германија и Франција – спортување надвор, отворање на рестораните, на луѓето повеќе нема да им требаат дозволи за патувања.
Клуге предупредува дека во отсуство на ефикасно лекување на вирусот или вакцина секоја блокада мора да биде придружена со строги мерки.