Тој ја објаснуваше траекторијата на движење на возилото „рено“ на 27 ноември 2023 г. кога исчезна Вања и кажа дека возилото во 9:40 часот, после палењето на „ситроенот“, камерите од „Безбеден град“ го снимиле во Општина Бутел и кај објектот „Веро“ во Чаир
На денешното рочиште повторно внимание предизвика обвинетиот Влатко Кешишов кој ја повлече претходно дадена пишана изјава до судот дека Љупчо Палевски-Палчо не бил присутен за време на грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Рече оти ја ја напишал под принуда на Палевски додека со комбе биле спроведувани заедно од затворот, каде што издржуваат притвор, во судот и назад. Неговиот адвокат Игор Ефремов во изјава за медиумите рече дека Кешишов ја повлекува изјавата, а случајот треба да биде предмет на Обвинителството
Возилото „ситроен“ на велешанецот Панче Жежовски, кое било користено при грабнувањето на Вања Ѓорчевска пред нејзината зграда и автомобилот „рено кангу“ во кое според Обвинителството бил првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, биле поврзани кратко по убиството на девојчето, сведочеше на денешното рочиште од судскиот процес вработен во одделот „Безбеден град“ (Сејф сити).

Според неговиот исказ, на една од снимките од камера во Чаир можела да за забележи силуетата на возачот на „реното“ кое, како што кажа, имал брадичка и седа коса, и наликувала на првообвинетиот Палевски. Со него на совозачкото седиште имало уште еден човек, но негово лице не можело да се види на снимките.
Вработениот, инаку раководител во „Безбеден град“, на почетокот од својот исказ, одговарајќи на прашања на обвинителката, рече дека прво почнале да пребаруваат откако добиле информација за запалено возило „ситроен“ кај „Бразда“. Дотогаш немале информација дека возилото е поврзано со исчезнувањето на девојчето.
Прегледувале и снимки за движење на возилото „рено кангу“ кое според насоките што ги добиле од одделот за насилен криминал било забележано кај „Бразда“.
Поврзувањето на двете возила
Тој ја објаснуваше траекторијата на движење на „реното“ на 27 ноември 2023 г. кога исчезна Вања и кажа дека возилото во 9:40 часот, после палењето на „ситроенот“, камерите од „Безбеден град“ го снимиле во Општина Бутел и кај објектот „Веро“ во Чаир.
„На таа камера се појавуваат две силуети, возач и совозач. Силуетата на возачот изгледаше како првоосомничениот, не сум сигурен. На другите камери не се забележуваа силуети оти се со послаб квалитет“,
рече сведокот.
Одговарајќи на вкрстени прашања на дел од адвокатите на одбраната, сведокот дополнително кажа:
„На камерата во Чаир може да се препознаат лица или силуета на лица. На камерата се гледа дека лицето има брадичка. Се гледа и без зум дека тој што вози има брадичка и седа коса, а другото лице е облечено во џемпер, но на совозачот не му се гледа лицето“,
Кажа дека на 27 ноември снимките на камерите виделе дека возилото доаѓа во близина на Железничката станица и врти за да се паркира, а местото каде што било тоа е седиштето на партијата Десна, каде што потоа и било лоцирано од полицијата.
На прашање на обвинителката, кога точно ги поврзале двете возила „ситроен“ и „рено кангу“, сведокот не можеше прецизно да одговори наведувајќи дека истрагата ја воделе од Одделот за насилен криминал и насоките доаѓале од нив. Тие како вработени во „Безбеден град“ помагале со сугестии поради рутината што ја имале стекнато од прегледувањето снимки.
„Дали беше рано наутро на 28 ноември, не знам. Истрагата ја водеа од насилен криминал, ние постапувавме по информации од началниците. Целата истрага ја водеше началникот, ние дававме асистенција и некои сугестии од нашата работа. Сите снимки им ги доставивме на надлежните. ‘Реното кангу’ го најдовме пред Железничка станица, кај седиштето на Десна“,
рече сведокот.
„Ситроенот“, пак, повторно се нашол во фокусот откако истиот ден на 27 ноември лани добиле дојава од велешката полиција дека му припаѓа на исчезнато лице од овој град.
По прегледувањето на снимките, „ситроенот“ пред заградата на Вања првпат се појавува на 24 ноември, три дена пред исчезнувањето на Вања
„Двете возила ги поврзаа од снимка каде што ‘ситроенот’ е снимен заедно со ‘рено кангу’, се фокусиравме на ‘кангуто’, а потоа и на ‘ситроенот’. Кога колегите го врзаа ’ситроенот’ со настанот, ние го баравме, и се појави неколкупати во Скопје, на 24, 25 и на 27 ноември 2023 година“,
кажа сведокот.

На овој момент со возилата се осврна и адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на таткото на убиеното девојче, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање. Туфегџиќ во изјава за медиумите по денешното рочиште кажа дека денеска првпат во јавноста се изнесоа сознанија дека овие две возила биле поврзани уште од 27 ноември 2023 година, денот кога е исчезнато девојчето.
„Овој исказ од шефот на службата во целост се поклопува со нашата одбрана што се однесува до Александар, а тоа значи дека уште на 27 ноември (2023 г.) постоела поврзаност помеѓу тие две возила, а Александар за Панче и за возилото ’ситроен’ дознава дури некаде во средата-четвртокот од пријателска врска од МВР преку Гоце Трајковски. Што значи дека добиваме полека полека една целосна слика на реалноста и на реалната состојба и на преземените дејствија“,
рече Туфегџиќ.
Кешишов: Изјавата за Палевски не е моја
Инаку, на денешното рочиште повторно внимание предизвика обвинетиот Влатко Кешишов кој ја повлече претходно дадена пишана изјава до судот дека Љупчо Палевски-Палчо не бил присутен за време на грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Рече оти ја ја напишал под принуда на Палевски додека со комбе биле спроведувани заедно од затворот каде што издржуваат притвор во судот и назад.
„Изјавата не е моја”,
рече Кешишов додавајќи дека со Палевски на двапати заедно биле превезувани.

Тој појасни дека Палевски во комбето на затворската полиција му дал ливче со напишана изјава и му кажал да ја препише со свој ракопис и да ја поднесе до судот.
Прашан од судијата зошто го направил тоа, рече: „Од страв“.
Неговиот адвокат Игор Ефремов во изјава за медиумите рече дека Кешишов ја повлекува изјавата, а случајот треба да биде предмет на Обвинителството.
„Содржината нема да ја коментирам особено не по денешното појаснување од истиот… Значи веднаш по завршувањето на судењето (на денешното рочиште) самиот судија побара од затворската полиција, транспортот, отсега па натаму да се одвива со четири комбиња и секој да се транспортира одделно, токму поради вакви влијанија. И дополнително сметам дека дадената ваква изјава поднесена од обвинетиот е предмет можеби и за Обвинителството. Треба истите да ги испитаат ваквите постапки и сомнежи и натаму нека постапуваат како мислат“,
рече Ефремов.
Прашан дали обвинетиот Кешишов го има оригиналното ливче кое, според неговото тврдење му го дал првообвинетиот Палевски, Ефремов рече дека тоа го остава на Обвинителството да го открие.
Инаку, пред денешното рочиште изјави дадоа обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска кои рекоа дека пишаната изјава на Влатко Кешишов, во која тврди дека Љупчо Палевски-Палчо не бил присутен за време на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во оваа фаза од постапката нема доказна вредност.
Денеска во судот сводочеа и припадници на интервентната полиција кои раскажаа како обвинетиот Велибор Манев ги однел до местото каде што било закопано телото на убиениот велешанец Панче Жежовски.
Судскиот процес за двојното убиство продолжува на 16 декември.