Во моментов, според платформата „Ај-кју-ер“, воздухот во главниот град е означен во категоријата „нездрав“
„Во предложениот Буџет за 2025 година, парите за заштита на животната средина се намалени за цели 25 отсто, парите за квалитет на воздух се намалени за 51 отсто, а парите за развој на енергетиката се намалени за 41 отсто“, велат од СДСМ

Главниот град на земјава, Скопје, утринава е со индекс на загадување од 158 и според последните податоци на платформата „Ај-кју-ер“ се наоѓа на шестото место на листата на најзагадени градови во светот.
Во моментов, според платформата, воздухот во главниот град е означен во категоријата „нездрав“.
Како главен загадувач се наведени ПМ 2,5 честичките чија концентрација е 61,1 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките се со концентрација од 84,4 микрограми на кубен метар.
Според упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО), концентрацијата на ПМ 2,5 во главниот град во моментов е 12,2 пати поголема од годишната вредност.
Највисока загаденост утринава е регистрирана на мерното место во Лисиче, а потоа се кај Ректорат и во Центар.
Најзагаден град во светот во моментов е Делхи во Индија. По него на непопуларниот список се Лахор (Пакистан), Сараево (Босна и Херцеговина), Каиро (Египет), а пред Скопје е Карачи (Пакистан).

За високата загаденост на воздухот во изминатите денови денеска реагираа од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) од каде што обвинуваат дека во буџетот за наредната година има помалку пари за чист воздух.
Според СДСМ, владата предводена од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не презема никакви конкретни чекори за намалување на загадувањето на воздухот, туку и го намалува буџетот за клучни области како животната средина, енергетиката и квалитетот на воздухот.
„Во предложениот Буџет за 2025 година, парите за заштита на животната средина се намалени за цели 25 отсто, парите за квалитет на воздух се намалени за 51 отсто, а парите за развој на енергетиката се намалени за 41 отсто. Парите за гасификација речиси се преполовени, додека за енергетска трансформација, која е неопходна за намалување на загадувањето, нема ништо предвидено“,
се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Оттаму велат дека најавената гасна конгенеративна централа и ветената инвестиција од една милијарда евра ја нема во предложениот буџет.
Со ова, додаваат од СДСМ, власта на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека не само што нема стратегија за борба против загадувањето, туку и нема волја да го подобри квалитетот на воздухот.
Од друга страна, пак, премиерот Христијан Мицкоски минатата недела најави дека се работи на тоа да се изградат когенеративни централи што ќе произведуваат електрична енергија и гас за затоплување на неколку локации, со што ќе се намали аерозагадувањето во Скопје, но и во другите градови низ државата.
Според Мицкоски, изградбата на когенеративни централи е потреба поради тоа што најголемиот фактор за загадување е затоплувањето на домовите за што се користат дрва и сè друго, како масло, паркет, стари плакари и тоа е отприлика 60 отсто од причините за високата загаденост.
Освен загадување на амбиенталниот воздух, резултатите од истражувањето за квалитетот на воздухот во јавните училишта и градинки спроведено во пет општини Гостивар, Струга, Куманово, Струмица и Кавадарци, покажуваат дека проблемот со загадувањето на воздухот во внатрешните простории на јавните училишта и градинки е речиси ист како и на надворешниот и има надминување на дозволениот лимит на суспендирани цврсти честички.