Позитивната динамика којашто се воспостави со чинот на потпишувањето на Договорот за пријателство во 2017-та и која продолжи со Договорот од Преспа, овозможи да се дојде до едногласната одлука на земјите – членки за отпочнување на преговорите за пристапување кон Унијата. Тој позитивен дух мора да го зачуваат двете страни, особено во рамките на активностите на експертските комисии кои дадоа одредени охрабрувачки резултати, вели во интервју за МИА амбасадорот на Франција во земјава Кристиан Тимоние.

„Треба да се продолжи со изнаоѓањето заеднички прифатливи решенија, засновани врз научни истражувања и во духот на меѓусебното разбирање. Европскиот дух и ветувањето за споделени вредности овозможи прием на земји-членки во минатото и ќе овозможи интеграција на нови членки во иднина. Двете нации се согласуваат дека имаат заеднички историски и културни корени, за што сведочи и убавата иницијатива секоја година заеднички, на највисоко политичко ниво во Рим, да се чествуваат светите Кирил и Методиј. Европа има потреба, особено кога станува збор за Балканот, да го негува духот на комуникација преку почитување на другата страна. Потребно е да се смират духовите во интерес на секоја од двете држави и двата народа, но и во интерес на Европа, која мора да одговори на новите предизвици, коишто и се закануваат на нејзиниот опстанок, како и на нејзините вредности и нејзиниот просперитет“,
вели Тимоние коментирајќи ги оценките во јавноста за можно ново вето од Софија на евроинтегративниот пат на нашата земја.
Франција, вели Тимоние, не ги потценува прашањата наследени од минатото и во ноември 2019 година за време на нејзиното претседателство со Комитетот на министри при Советот на Европа, предложи да се основа опсерваторија за настава по историја во Европа, за да може историјата да се вреднува како заедничко наследство на помирениот европски континент.
„Франција го финансираше почетокот на овој проект кој треба да се заснова на неутрален и објективен пристап, преку разбирање на различните претстави на историјата и фактот дека не треба да се дозволи стереотипите или манипулациите да им се спротивстават на општите аспирации на европските народи заеднички да испишат ново историско поглавје“,
подвлекува амбасадорот Тимоние.
На прашањето дали е остварлива временската рамка, официјалниот старт на преговори со првата меѓувладина конференција да се случи за време на германското претседателство во втората половина од 2020, амбасадорот одговара дека секогаш треба да се поставуваат амбициозни цели, а уште повеќе во време на предизвици.
„Важноста на околностите треба да ги охрабри сите чинители да ги удвојат своите напори и да работат на отстранување на пречките, доколку ги има. Се чини дека комесарот Вархеји е сигурен во шансите за успех: затоа треба сите да го поддржат. Важно е да се постигне почетна динамика со компетентни македонски тимови, поддржани од функционална влада, мотивирана и силна во својот легитимитет што ќе го добие на нови избори“,
вели Тимоние.
Тој во интервјуто одговара и на прашањето каков би бил ставот на Париз доколку се инсистира во преговарачката рамка да бидат вметнати историски и идентитетски барања од страна на Софија.

Веруваме дека Комисијата ќе ги усогласи ставовите, одговара Тимоние, и ќе најде заеднички јазик, во согласност со европскиот интерес.
„Се надеваме дека на крајот ќе надвладее јачината на европскиот дух, со оглед на важноста на прашањата и заедничкиот интерес за успешно започнување на преговорите, врз основа на новата методологија која ја промовиравме со други земји-членки. Добрата волја што беше искажана при потпишувањето на Договорот во 2017 година, го прави овој текст цврста основа за напредок кон надминување на разликите што може да се појават меѓу двете страни“,
потенцира Тимоние.
Тој, исто така, е дециден дека реализација на членството во ЕУ како стратешко прашање не може да се постигне без забележителен напредок во областа на владеењето на правото, како и во поглед на економско и социјално приближување што бара удвојување на напорите на политичките раководства во регионот.
