„Во потрага сме по партнери, што по пазарни услови, а не на привилегирани, како што имаше стратешки инвестиции во минатото, заеднички со Владата ќе вложат во систем на затоплување на домовите, што ќе биде резултат на согорување на природен гас, односно когенеративни централи што ќе произведуваат и електрична енергија и гас. Имаме во план да направиме неколку такви и на тој начин ќе се намали загадувањето“, вели премиерот
Работиме на тоа да се изградат когенеративни централи што ќе произведуваат електрична енергија и гас затоплување на неколку локации, со што ќе се намали аерозагадувањето во Скопје, но и во другите градови низ државата. Ова денеска го рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата на опозицијата дека Владата не презема ништо за загадувањето на воздухот.
„Шокира пораката од опозицијата, бидејќи седум години камен на камен не ставија. Ако се зафатеа да работат нешто, можеби до ова немаше да дојде, односно можеби ќе беше поинаку. Работиме интензивно, но најголемиот фактор за загадување е што за затоплување на домовите се користат дрва и сè друго, како масло, паркет, стари плакари. Тоа е отприлика 60 отсто од причините зошто имаме загадување и висока емисија на ПМ 2,5 и ПМ 10 честички. И тоа не се решава преку ноќ. За тоа е потребно време“,
рече тој.
Посочи дека Владата е во потрага по партнери за изградба на когенеративни централи што ќе произведуваат електрична енергија, но и гас, со цел за следните три до четири години барем за 60 отсто да се намалени загадувањето.
„Во потрага сме по партнери, што по пазарни услови, а не на привилегирани, како што имаше стратешки инвестиции во минатото, заеднички со Владата ќе вложат во систем на затоплување на домовите, што ќе биде резултат на согорување на природен гас, односно когенеративни централи што ќе произведуваат и електрична енергија и гас. Имаме во план да направиме неколку такви и на тој начин ќе се намали загадувањето“,
вели премиерот.
Според него, ова е единствениот начин како веднаш да се реагира и да се направи нешто со кое ќе се подобри квалитетот на воздухот.
„Магија не постои, чудо не постои. Денеска ако почнеме тоа да го работиме и развиваме, а веќе го развиваме, резултатите ги очекуваме за три до четири години“,
рече Мицкоски.
Според резултатите од истражувањето за квалитетот на воздухот во јавните училишта и градинки спроведено во пет општини Гостивар, Струга, Куманово, Струмица и Кавадарци, проблемот со загадувањето на воздухот во внатрешните простории на јавните училишта и градинки е речиси ист како и на амбиентниот воздух и има надминување на дозволениот лимит на суспендирани цврсти честички.