В петок се очекува ЕСМ да ја достави својата понуда до универзалниот снабдувач по што треба да биде донесена одлука за цената на електричната енергија
Не очекувам зголемување на цената на електричната енергија, но доколку дојде до тоа зголемувањето би било минимално, од еден до три проценти, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Ваквите очекувања, како што посочи тој, ги темели на постепената консолидација на ЕСМ што била направена во изминатите четири-пет месеци, состојбата со количините на јаглен, како и набавката на природниот гас.
„Седум години ја ограбуваа ЕСМ и сега во четири-пет месеци направивме чудо да ја консолидираме компанијата за да не дојде до зголемување (на цената на струјата) или ако дојде до тоа, да биде во рамки на два до три проценти. Тоа е навистина успех кога една компанија, која во 2017 година имаше милијарда денари депозити во банки и околу 360-370 милиони на сметка, без долгови, а за седум години беше уништена и во периодот што следи јавноста ќе биде запознаена што се е правено, за помалку од четири месеци да ја консолидирате – на депонија да имате околу 200 до 250 илјади тони јаглен, се увезува јаглен по 10, 15, 20 отсто пониски цени, да договорите цена на природен гас која нема да биде берза плус 11 евра, туку берза плус четири евра, а по Нова година очекувам и тоа да поевтини. Кога ќе ги подготвите сите овие активности, тогаш доаѓаме до она што го говорам дека не очекувам да има зголемување од 10, 15 или 20 проценти како што е тоа случај во многу држави од регионот и Европа. Очекувам, ако има зголемување, тоа да биде незначително во рамки од еден до три проценти“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на договорите за државна помош со компанијата „Бреинчајлд“ и додаде дека очекува компанијата ЕСМ да биде целосно консолидирана на крајот на 2025 или почетокот на 2026 година.
В петок се очекува ЕСМ да ја достави својата понуда до универзалниот снабдувач по што треба да биде донесена одлука за цената на електричната енергија.