„Бреинчајлд продукција“ е компанија која се занимава со истражување и развој на нови производи, преку користење уникатни репроматеријали, со цел да се добие специфичен материјал потребен за производство на опремата за спортови на ветер и вода. Инвестицијата е лоцирана во Битола во постоечки објект од 1 500 квадратни метри
Премиерот Христијан Мицкоски денеска потпиша договор со сопственикот и менаџерот на компанијата „Бреинчајлд“, Ралф Хенинг Гросел, за новата германско-холандска инвестиција, која работи на производство на висококвалитетна опрема за спортови на вода и ветер.
Потоа, на заедничка прес-конференција во Владата ја презентираа работата на компанијата и нејзините инвестициски планови.
Компанијата е лоцирана во Битола и околината, а ќе овозможи отворање на околу 250 нови работни места.
Како што најави премиерот, се работи за два одделни инвестициски проекти на компанијата, односно брендот „Бреинчајд“ во земјава има формирано две компании, како „Бреинчајд продукција“ и „Брејнчајд производство“.
„‘Бреинчајлд продукција‘ е компанија што се занимава со истражување и развој на нови производи, преку користење на уникатни репроматеријали, со цел да се добие специфичен материјал потребен за производство на опремата за спортови на ветер и вода. Инвестицијата е лоцирана во Битола во постоечки објект од 1 500 квадратни метри. Инвестицискиот план предвидува вложувања во адаптирање на лабораторија за истражување, развој и набавка на нова современа опрема и машини. Предвидено е компанијата да инвестира најмалку два и пол милиони евра во период од пет години. Предвидени се околу 40-ина висококвалификувани нови работни места“,
вели Мицкоски.
За втората компанија, „Бреинчајд производство“ рече дека се занимава со сериско производство на опремата и елементите. За таа намена, ќе се изгради целосно нов објект од 3 000 квадратни метри во индустриската зона „Жабени“ кај Битола, а ќе можат да се вработат околу 200 лица.
„Предвидено е почетокот на градбата да биде 2025 година, а во текот на следните пет години да се заокружи инвестицискиот циклус за околу осум и пол милиони евра или вкупно 11 милиони евра. И покрај изградбата на новиот објект, целта на компанијата е да ја зачува и надградува посточеката лабораторија за развој на нови производи и за создавање на одржливи материјали“,
рече премиерот.
Посочи дека „Бреинчајлд“ отвори и школа за шиење на напредни материјали, која служи како тренинг-центар за планираните активности на компанијата.
Брендот е посветен и на одржлив и еколошки процес преку користење рециклирани материјали.
Сопственикот на „Бреинчајлд“, Ралф Хенинг Гросел, посочи дека со оваа инвестиција во нашата земја се реализира нивната визија за одржливи производи и компоненти за спорт.