„ВМРО-ДПМНЕ е партија која секогаш кога е на власт имала една единствена цел, ставање на судството по контрола и сега тоа го докажува на дело“, се вели во писмената реакција од опозициската партија на денешната изјава на премиерот
Христијан Мицкоски додека зборува за инсталации веќе се обидува длабоко да влезе во партизација на судството, се вели во реакцијата на опозицискиот СДСМ на денешната изјава на премиерот во која тој, меѓу другото, рече оти очекува борбата со инсталациите во обвинителството и судството на претходната власт да биде долга и исцрпувачка.

Како пример дека премиерот е тој што сака да го партизира правосудниот систем, од СДСМ го посочуваат случајот со еден од двајцата кандидати за членови на Советот на јавни обвинители, Ардијан Демири, кој го помина комисискиот филтер во Собранието, но откако во јавноста беше објавено дека тој е близок со вицепремиерот Изет Меџити и бил политички ангажиран, предлогот за негов избор беше повлечен од пленарната седница закажана за утре (12 ноември).
„Прв на листа беше сопартиец на неговиот коалициски партнер Изет Меџити од Демократското движење, Адријан Демири кој пратениците на власта го изгласаа во матичната Комисија за прашања на изборите и именувањата за член на Советот на јавни обвинители. Ова ли е реформата што ја најавува? Ова е тоа што ВМРО-ДПМНЕ го правеше порано и сака да го прави и сега. Вистинска реформа не подразбира партиско назначување на кадри како што тоа го прави Мицкоски туку судство ослободено од прангите на неговата партија. ВМРО-ДПМНЕ е партија која секогаш кога е на власт имала една единствена цел, ставање на судството по контрола и сега тоа го докажува на дело“,
се вели во писмената реакција на СДСМ.
Борбата против инсталациите на СДСМ и ДУИ ќе биде долга, исцрпувачка и жестока бидејќи тие се жилави. Не очекувам дека борбата ќе биде лесна во обвинителството и во судството, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, инсталациите на претходната влада во обвинителството и судството се малку, но сè уште се слепи послушници.
Коментарот на Мицкоски доаѓа по реакцијата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со именувањата на членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители, што е спротивно на Законот за спречување на корупцијата и има судир на интереси. ДКСК на седницата во петокот побара од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители одлуката за номинација на свои членови во Управниот одбор на АСЈО да ја стават надвор од сила.