„Не можам да знам. Нека завршат со потпишување на договорите, па да видиме“, вели министерката за финансии

Сите претходни влади така ги комуницираа бројките во јавноста. Вака го започна својот одговор министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на прашањето зошто и натаму Владата вели дека обезбедила сто милиони евра за поддршка на инфраструктурни проекти на општините за 2024 година, иако со ребалансот на буџетот се предвидени околу 75 милиони, а извесно е дека до крајот на годината ќе се реализираат многу помалку од тоа.
„Ако разговараме на тој начин, тогаш да се прашаме 33 години како се комуницира? И јас се согласувам, ако го гледаме така, многу е дискутабилно зашто така бројките ги комуницираше секоја претходна влада. Има многу голема разлика меѓу јавните набавки и планирањето на јавните набавки и буџетот. И тука треба сите да се согласиме. Но, законот, така велат претходните министри за финансии, подразбира дека кога планираш одредена инвестиција или каков било договор, мора да ги имаш предвидено парите во буџетот. И сега јас се согласувам – смешно е, но они велат мора да ги имате планирано и ние сме ги планирале. Дали ќе се реализираат или не, ќе видиме до крајот на годината. И ова е една од темите што планирам да ја разговарам во периодот што следи. Кај нас од Министерството за финансии на САД ни помагаат во делот на новиот систем. Сакам малку да поразговараме и со нив. Ова е нешто што на мене, како на економист, ми е комплетно нејасно. Претходно, и кога бев директорка за финансии во тогашно ЕЛЕМ, исто важеше правилото – парите да ги обезбедиш и потоа да распишеш набавка. Ако распишуваш во септември набавка, свесен си дека до крајот на годината не можеш, сепак зависно од типот на набавката, некогаш има еднократни, ќе го купиш нештото, да, и го исцрпуваш целиот договор. Завршува до крајот на годината. Но, ова е сложена проблематика со која очигледно никој министер за финансии досега не сакал да се заморува. Ама јас сакам тоа да го внесеме во новиот систем што ќе го имплементираме“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Досега се склучени договори со општините во износ од околу 65-66 милиони евра (околу 41 милијарди денари). Министерката вели дека нема проценка колку од овие пари ќе им бидат префрлени на општините до крајот на годината.
„Не можам да знам. Нека завршат со потпишување на договорите, па да видиме. Различно е ако зборуваме за инфраструктура во насока на тоа пат да се направи, многу побрзо е. Ние велевме дека станува збор за проекти што се комплетно готови и со кои, по склучување на договорот, веднаш може да се работи. Е сега вие ако зборувате за одреден пат, многу побрзо ќе оди реализацијата. Но, ако зборуваме за доградба на некое училиште, веќе тука… Е затоа однапред не можам да кажам ништо. Да ги видиме договорите“,
вели министерката за финансии.

На прашањето дали е коректно јавно да се кажува дека се обезбедени сто милиони евра за оваа намена, кога реално ќе се потрошат далеку помалку, министерката инсистираше дека така налага законот – средства во буџетот мора да имате обезбедено за да распишете јавна набавка.
Прашана за што ќе се потрошат остатокот од средствата што до крајот на годината нема да им бидат префрлени на општините, Димитриеска-Кочоска рече дека сигурно ќе има прераспределба во рамки на буџетот.
„Имајќи предвид дека има многу доспеани обврски, очекувам дека до крајот на годината голем дел од средствата сигурно да бидат потрошени“,
вели министерката.
Димитриеска-Кочоска вели дека во буџетот за 2025 година за оваа намена се предвидени 250 милиони евра.
„Законот е јасен. Министерот за финансии не може да префрла пари директно до општините. Мора да оди преку некое ресорно министерство. Ако во овој момент ги прашаме ресорните министри колку на следниот повик ќе учествуваат општините со одредени проекти кај вас? На пример, министерот за транспорт и министерот за образование. Не знаат. Кога не знаат, зошто јас да планирам, односно како од функции на државата да ги спуштам парите и каде да ги носам. Тоа е одговор на претходното прашање дека вие гледате 75 милиони, а ние велиме сто милиони се предвидени. Ние средства обезбедуваме, меѓутоа не можеме да ги спуштиме по министерства се додека не добиеме прецизна пресметка кое министерство и колкава потреба има. Еве, знаете дека последно Министерството за животна средина побара дури и помалку средства затоа што првично, согласно некои анализи што ги правеа и комуникација со општините што ја имаа, велеа толку и толку средства ни требаат за да може да се објават тендерите. Испадна дека по повикот имаат потреба од дополнителни средства. Значи, не им се доволно. И сега ние треба дополнително во прераспределбата да му обезбедиме средства на Министерството за животна средина. Јас сега однапред како да ги прераспределам, во кое министерство колку средства да дадам од тие 250 милиони евра“,
вели министерката за финансии.
