Наноси од снег утринава се причина што на патниот правец Кратово-Пробиштип има забрана за движење на тешки моторни возила
Првата мала снежна покривка утринава е забележана на Водно. Од камерите поставени на Водно од страна на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ се забележува дека на врвот има снежна покривка, но и магла.
Утринава со мала снежна покривка се дел и од зимските туристички центри.
Здружението за промоција на македонски ски-центри, „Ски Македонија“ на својот јутјуб-канал емитува видео во живо од Пониква и од Попова Шапка, каде што може да се погледне состојбата во овие ски-центри.
Утрово под снежна покривка е и Пијанечко-малешевскиот Регион. Најизразена е на повисоките места. Во градот Делчево и околните села снежната покривка е минимална, додека врнежи од снег утрово има и во општините Македонска Каменица, Берово и Пехчево.
Во моментот во делчевско најмногу снег има наврнато на планината Голак, во селото Тработивиште, како и на подрачјето на селото Ѕвегор во близина на граничниот премин кон Република Бугарија.
Наноси од снег утринава се причина што на патниот правец Кратово-Пробиштип има забрана за движење на тешки моторни возила.
Како што информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) забрана е воведена во 7 часот.
Од АМСМ велат дека сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Од Јавното претпријатие „Македонија пат“ велат дека на одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.
Оттаму апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација како и приспособување на брзината кон условите на патот.