Од Министерството велат дека со оглед на бројноста на добитниците на вредносни ваучери од овие два града, како и во Прилеп, доделувањето на ваучерите и денеска се одвива на истите локации
Процесот на доделување ваучери за купување инвертер-клими успешно се реализира, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Во текот на вчерашниот ден, кога почна доделувањето на ваучерите, според информациите од Министерството, од локациите во повеќе градови биле подигнати над 90 отсто.
Во Скопје, од спортскиот центар „Борис Трајковски“ во текот на вчерашниот ден биле поделени 79 отсто, додека во спортската сала „Боро Чурлески“ 64 отсто од предвидените ваучери.
Од Министерството велат дека со оглед на бројноста на добитниците на вредносни ваучери од овие два града, како и во Прилеп, доделувањето на ваучерите и денеска се одвива на истите локации.
„Во моментов на трите локации нема редици и процесот тече во добар ред согласно предвидената динамика. Министерството ги известува сите оние кои сè уште ги немаат подигнато своите ваучери дека истото можат да го сторат од понеделник, па до крајот на ноември, во просториите на Министерството кое се наоѓа на почетокот на улица ‘Македонија’ спроти Музејот на Град Скопје“,
наведуваат од Министерството.
Повикот од Министерството упатен до граѓаните што добиле ваучери за клими да дојдат на предвидените локации вчера предизвика метеж и огромни редици пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Граѓаните, што беа дојдени уште рано утрото, со часови чекаа во долгите редици за да влезат и да ги потпишат договорите.
Во целиот метеж на еден повозрасен граѓанин му се слоши, по што мораше да интервенира Брзата помош.
Од Министерството вчера попладне рекоа дека иако на почетокот на денот била забележана зголемена посетеност на граѓани, доделувањето се одвивало непречено и во поголемиот дел од денот немало долги редици пред СЦ „Борис Трајковски“.
Климите мора да се купат до 30 ноември, а може да се инсталираат и по рокот. Потоа ваучерите не важат. Оние граѓани што денеска не успеаја да стигнат, можат да се обратат до крајот на ноември во просториите на Министерството за енергетика.
За овие ваучери граѓаните аплицираа во февруари. Проектот е на минатата влада на СДСМ и ДУИ во вредност од 4,1 милион евра. На повикот пристигнале вкупно 18 805 барања по двата јавни повика. На огласот кој не е за ранливи потрошувачи барања доставиле 14 500 баратели, а за огласот за ранливи потрошувачи 4 305 баратели.