Николоски вели дека нема информации дали Мицкоски на Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта се сретнал со бугарскиот претседател Румен Радев
Средбата што премиерот Христијан Мицкоски вчера во Будимпешта ја имаше со францускиот претседател е многу значајна со оглед на тоа што Емануел Макрон во моментов неспорно е лидер на Европа, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
„Макрон во моментов неспорно е лидер на Европа, имајќи предвид дека Владата во Германија е пред пад и дека извесно е дека не подоцна од март 2025 година таму ќе има избори. Тој е политичар којшто има највисока поддршка и најстабилен мандат во рамки на ЕУ од сите големи земји членки и на конференција којашто трае само еден ден, да одвои толку време за да се сретне со премиерот на Македонија, мислам дека многу говори и за личниот авторитет што го има премиерoт Мицкоски и за угледот што го ужива Македонија“,
вели Николоски.
Николоски вели дека нема информации дали Мицкоски на Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта се сретнал со бугарскиот претседател Румен Радев.
За средбата со Макрон македонскиот премиер вчера информира преку својот фејсбук-профил.
Мицкоски рече дека со Макрон разговарале за одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија.
Меѓу другото, Мицкоски преку видеообраќање, информира дека во Будимпешта остварил неколку билатерални средби, на кои биле презентирани аргументи за тоа како Владата ја гледа економската иднина и како планира да ја развива државата.
Исто така, Мицкоски рече дека на средбите што ги имале со дел од европските политичари, биле презентирани и погледите и аргументите за евроинтегративниот пат на земјата.
На средбата, како што информираа од Елисејската палата, Мицкоски и Макрон се согласиле за важноста од продлабочувањето на односите меѓу Франција и Северна Македонија, особено во однос на економската соработка во областа на енергетиката, здравството и транспортот.
Макрон, како што додаваат од Елисејската палата, му посочил на Мицкоски дека Франција ќе го поддржи евроинтегративниот пат на државава, но, како што потенцирал, во согласност со нејзините меѓународни обврски.