Тој се повика на автентичното толкување што Собранието го одбори на седница во август оваа година, а според кое ниту една компанија немала право да организира онлајн коцкање од 1 јануари 2017 година
Демократската унија за интеграција (ДУИ) продолжува со серија прес-конференции да изнесува тврдења за корупциски скандал во кој, според партијата, српско-бугарска коцкарска компанија „го спонзорирала“ првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Откако пред два дена портпаролот на ДУИ, Арбер Адеми, говореше за договорот за основање на трговското друштво, обвинувајќи дека е во спротивност со одредени членови од Законот за коцкање, денеска ексминистерот за економија и член на раководството на ДУИ, Крешник Бектеши, излезе со нови тврдења, кои, како што кажа, го разоткриваат „целиот криминал“ на коцкарскиот монопол во државата под контрола на српско-бугарската приватна компанија.
„Откривме дека коцкарскиот монопол во државата под контрола на српско-бугарската приватна компанија го финансирала новиот директор на Лотарија, Климовски, со над 140 000 евра, додека тие за себе заработиле над 100 милиони евра на сметка на државата и граѓаните. Откривме и дека оваа добивка омилената српско-бугарска компанија на Изет Меџити и Арбен Таравари ја има постигнато со целосно незаконски договор. Денеска ве известуваме за следниот скандал и сето тоа вреди стотици милиони евра пари на граѓаните кои се злоупотребени во овој договор“,
рече Бектеши на денешната прес-конференцијата.
Тој се повика на автентичното толкување што Собранието го одбори на седница во август оваа година, а според кое ниту една компанија немала право да организира онлајн коцкање од 1 јануари 2017 година.
„Власта во брзање да го врати и обезбеди монополот на српско-бугарското казино по налог на српскиот сопственик во Собранието одобри автентично толкување кое на површина го извади целиот криминал на спонзорите на Изет Меџити. И покрај одлуките на Уставниот суд број 87 од 2011 година и број 156 од 2019 година, како и во бројните претходни мислења на Министерството за финансии и на Владата, како и во бројните мислења на стручните лица и експерти во нашата држава за оваа област, моноетничката влада и Собранието арбитрарно одлучија дека никој, ниту една компанија нема право да организира онлајн коцкање од 1 јануари 2017 година“,
кажа Бектеши.
Според него, во целата ситуација постои и апсурд, бидејќи пратениците барале автентично толкување на членот 7 од Законот за игри на среќа, а Владата одговорила со толкување на членот 165, како преодна одредба во овој Закон.
Автентичното толкување од 13 август оваа година, како што кажа ексминистерот за економија, открива дека „омиленото српско-бугарско казино на Изет Меџити“, целосно нелегално организирало онлајн коцкање преку нивната платформа „2win.mk“ од 1 јануари 2017, кога Владата била предводена од ВМРО-ДПМНЕ, па сè до оваа година.
Со ова, рече Бектеши, државата е оштетена за десетици милиони евра.
„Ги повикуваме институциите, Обвинителството, Финансиската полиција, Министерството за внатрешни работи и Антикорупциската комисија веднаш да дејствуваат. Само ‘Вреди’ ја брани српско-бугарската приватна компанија бидејќи Изет Меџити заедно со Арбен Таравари се ставија на целосна услуга на монополот на српско-бугарската приватна компанија и директорот на Лотарија, Александар Климовски, во коцкарската индустрија затоа што се финансирани од нивните валкани пари“,
изјави Бектеши.
Тој, како и неговиот сопартиец Арбер Адеми на претходната прес-конференција, ја обвини владејачката коалиција „Вреди“ дека ги измамила Албанците во земјава, со тоа што го назначила Амет Мифтари за заменик-директор на Лотарија и не затворила ниту едно казино или обложувачница, иако тоа беше едно од нивните главни предизборни ветувања.
„Не го затворија ниту онлајн коцкањето, и секако двапати по ред да ги потсетиме граѓаните како ‘Вреди’ и актуелните пратеници и претходните пратеници од оваа коалиција гласаа против нивното затворање во Собранието, како и тоа што продолжуваат слепо да ѝ служат на коцкарската индустрија“,
рече Бектеши на крајот на прес-конференцијата.