Во гаснењето на огнот биле ангажирани 30 пожарникари, со 10 противпожарни возила
Пожарот кој синоќа избувнал во депото на „Македонски железници – Транспорт“ е изгаснат и во моментов се работи на расчистување на теренот, изјавил за МИА командирот на скопската противпожарна бригада, Звонко Томевски.
Тој бил пријавен во 1:20 часот по полноќ, а во гаснењето, според Томевски, учествувале 30 пожарникари со 10 противпожарни возила.
Депото на МЖ – Транспорт се наоѓа на булеварот „Трета македонска бригада“, каде што утрово можеа да се забележат темни облаци чад како се издигаат над местото.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) претходно за „360 степени“ информираа дека пожарот во Секторот за внатрешни работи Скопје бил пријавен во 1:45 часот и дека, според информациите, горел хангар во кој имало стари и неисправни вагони и локомотиви.
Според МВР, пожарот бил локализиран околу 3:30 часот, но утрово во 9 часот било пријавено дека тој повторно се активирал. Како што додаваат оттаму, во случајот нема повредени лица.
Причините за пожарот засега се непознати, и тие, како и причинетата материјална штета допрва ќе се утврдуваат.
Инаку, скопската противпожарна бригада утрово интервенирала на уште еден пожар во скопската населба Влае, каде горела кровна конструкција на куќа на улицата „Иван Цанкар“.
Како што информира Томевски, пожарот е изгаснат, а на терен интеревенирале 12 пожарникари со четири возила.