На средбата одржана во седиштето на ДУИ во Тетово, Ахмети му рекол на евроамбасадорот Рокас оти меѓуетничките односи во земјава се многу оптоварени од непромислените чекори на Владата во однос на албанскиот јазик, етничката припадност, правичната и соодветна застапеност
Одржување предвремени парламентарни избори заедно со локалните во 2025 година како решение за излез од, како што вели, тешката ситуација во државата, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, му го споменал и на амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас.
На средбата одржана во седиштето на ДУИ во Тетово, Ахмети му рекол на Рокас оти меѓуетничките односи во земјава се многу оптоварени од непромислените чекори на Владата во однос на албанскиот јазик, етничката припадност, правичната и соодветна застапеност.
Во оваа смисла, лидерот на ДУИ потсетил дека ЕУ и САД се гаранти на Охридскиот договор.
„Северна Македонија и Македонците не изгубија ништо од рамноправноста со Албанците, а државата воопшто не е загрозена од спроведувањето на Охридскиот договор“,
му рекол Ахмети на Рокас.
Порачал и оти мора да се почитува изборниот легитимитет на легитимните претставници на етничките заедници бидејќи тоа овозможува стабилност, безбедност и социјална кохезија.
На средбата станало збор и за евроинтеграциите на земјава, а Ахмети нагласил оти ДУИ дава целосна поддршка за продолжување на преговорите и спроведување на реформите без одложување и со политички консензус.