„Непоколебливата посветеност на САД за безбедноста, просперитетот и евроатлантската интеграција на Северна Македонија беше и останува еден од клучните столбови на нашата надворешна политика и постојан извор на поддршка“, пишува собранискиот спикер
Честитка за изборната победа на републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, денеска стигна и од претседателот на Собранието Африм Гаши.
Гаши во честитката објавена на неговиот фејсбук-профил вели дека овој значаен момент ја одразува силата на американската демократија.
Според Гаши, Северна Македонија била и ќе остане силен сојузник на развојните и стабилизациските политики на САД.
„Непоколебливата посветеност на САД за безбедноста, просперитетот и евроатлантската интеграција на Северна Македонија беше и останува еден од клучните столбови на нашата надворешна политика и постојан извор на поддршка“,
пишува Гаши.
Гаши, посакувајќи му успех во водењето на земјата и во реализацијата на неговата агенда за иднината, изразува подготвеност за продлабочување на соработката со новата американска администрација, за зајакнување на нашето стратешко партнерство.
Изборната победа на Трамп му ја честитаа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, претседателот на СДСМ Венко Филипче, лидерот на ДУИ Али Ахмети.