Во честитката Мицкоски вели дека со нетрпение очекува натамошно продлабочување на цврстото партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи
Оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата. Ова е дел од честитката што премиерот Христијан Мицкоски ја упати до Доналд Трамп откако тој денеска одржа победнички говор по изборите во САД.
„Во мое лично име и во име на граѓаните, упатувам срдечни честитки до претседателот Доналд Трамп за неговата победа на изборите за претседател на САД“,
напиша Мицкоски на својот фејсбук-профил.
Во честитката тој вели дека со нетрпение очекува натамошно продлабочување на цврстото партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи.
„Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД, како стратешки сојузник и пријател, кои ќе продолжат да ја зајакнуваат стабилноста и напредокот на целиот регион. Честитки и најдобри желби до претседателот Трамп и до целиот американски народ!“,
додава Мицкоски.
Доналд Трамп денеска се обрати пред неговите поддржувачи откако првичните проекции од резултатите на изборите покажуваат дека тој ќе биде 47. претседател на САД.
Проекциите што ги објавуваат американските медиуми покажуваат дека Трамп од 95 отсто од преброените гласови во оваа држава води со 50,9 отсто, а неговата противкандидатка Камала Харис има 48 отсто од гласовите. Според Фокс њуз, Трамп веќе може да се прогласи за ново-стар претседател на САД.