Според Ристовски, спортистите ќе можат да бидат вклучени во промовирање спортски игралишта, како и настани поврзани со спортот и промоција на вистинските вредности поврзани со спортот, почитувајќи ги принципите на морал, етика и одговорност кон општествените вредности
Поранешни и сегашни спортисти, но и идни млади таленти нема да можат да учествуваат во рекламирање на казината и игрите на среќа. Ова денеска го изјави министерот за спорт Борко Ристовски на настанот организира по повод потпишувањето на меморандумот за соработка во дејноста спорт со генералниот директор на „Државната видеолотарија на Македонија – Касинос Австрија“ ДОО Скопје, Костадин Карабаков. Со овој меморандум спортистите нема да можат да бидат главни ликови во рекламите за обложување.

„Изминатите години сè во врска со казината, обложувачниците и со брзите кредити малку излезе од контрола. Горд сум што со успеавме заеднички, во рамките на овој меморандум, да ставиме рамка, тука не зборувам за законска, туку етичка и морална. Овој меморандум значи разбирање меѓу двете страни и подразбира етички и морален однос во кој спортистите нема директно да бидат користени за какво било рекламирање на казина и игри на среќа“,
вели Ристовски.
Според него, спортистите ќе можат да бидат вклучени во промовирање на спортски игралишта, како и настани поврзани со спортот и промоција на вистинските вредности поврзани со спортот, почитувајќи ги принципите на морал, етика и одговорност кон општествените вредности.
„Тоа е најважниот сегмент што сакавме да го постигнеме со оваа иницијатива покрената од Министерството за спорт за која наидовме на разбирање од ‘Државната видеолотарија на Македонија – Касинос Австрија’ и ова е убав почеток на идната соработка“,
вели министерот.
Од „Државната видеолотарија на Македонија – Касинос Австрија“ ДОО Скопје велат дека се обврзуваат да се воздржат од ангажирање општествено препознатливи личности во ликот на поранешни и активни врвни спортисти во нивни рекламни кампањи во делот на директно рекламирање и промоција на производи што се однесуваат или поттикнуваат обложување и коцка.
Минатиот месец Ристовски најави дека истакнатите спортски легенди Горан Пандев, Кирил Лазаров и Игор Стефановски-Иџе веќе нема да рекламираат казина, обложувачници и брзи кредити, односно дека со спортистите е направен џентлменски договор во врска со ова прашање.
